1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германскиот претседател и натаму на „условно“

Со едно телевизиско интервју не може да се врати довербата на граѓаните. Кристијан Вулф останува германски сојузен претседател, но на „условно“, пишува во следниот коментар Уте Шефер.

default

Да ги запре повиците за оставка и да врати дел од разнишаниот кредибилитет. Со последното телевизиско интервју претседателот Кристијан Вулф сакаше да ги постигне овие две цели. Првата можеби привремено ја оствари. За втората ќе биде многу потешко. Поддршката за претседателот се топи. Со таквото сознание претседателот излезе на телевизија.

Ги призна грешките. Начинот на кој се однесувал за време на скандалот со кредитот за неговата куќа, не и служел на функцијата. Начинот на кој им се заканувал на новинарите со „последици“ доколку истражуваат, бил некомпатибилен со неговата улога како претседател, рече Вулф.

За други аспекти тој беше помалку критичен кон себе. На пример, за неговите блиски контакти со бизнисмени и одморите кои ги користел на нивна сметка во периодот додека бил премиер на покраината Долна Саксонија. Тука не прекршил никакви закони. Вулф се презентираше себеси како скромен човек, кој направил грешки кои се човечки. Сепак, во неговиот настап имаше малку новитети.

Дури и по 20-минутните телевизиски прашања, многу останаа неодговорени. Дали Кристијан Вулф има таков формат да спречи натамошни штети за претседателската канцеларија? Дали неговите очекувања се исти како оние на граѓаните, кои треба да ги претставува? Останаа многу сомнежи за тоа.

Конечно, и оние кои му даваат поддршка веројатно очекуваа поголема самокритика од човекот кој јавно изјави: „Секој што сака да и припаѓа на елитата на една земја, мора да преземе улога на примерност и одговорност, без но и ама“.

Ute Schaeffer Chefredakteurin DW-Radio/DW-WORLD.DE

Уте Шефер, главен уредник на радио Дојче веле

По неговиот јавен настап од Вулф треба да се очекува да ги преземе специјалните одговорности кои ги носи највисоката функција во земјата. Од него се очекува да ги исполнува тие обврски со одговорност, како морален и репрезентативен модел и пример за сите.

Палатата Белви, претседателската резиденција, не е вистинското место за процес на учење низ кој Вулф вели дека во моментов минува. Највисоката функција е претставувана од личноста која ја извршува, преку неговиот интегритет и кредибилитет.

Граѓаните имаат право да очекуваат дека човекот кој објави книга под наслов „Подобро вистината“, треба и да живее согласно тој наслов. Секој кој ќе се претстави како семеен човек и граѓанин со интегритет, треба така и да се однесува.

Токму така, како што и самиот Вулф пред неколку месеци изјави: „Секој кој се смета за припадник на елитата и сноси одговорност, не смее да се повлече во сопствен паралелен свет“. За претседателот тоа има особена важност. Иако, по интервјуто, претседателот можеби смета поинаку, тој сепак и натаму останува претседател на „условно“.

Автор: Уте Шефер

Превод: Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска