1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германскиот печат: Шеф на држава кој лаже - непојмливо!

Нема мир за германскиот Сојузен претседател Кристијан Вулф. По низа негови контроверзни постапки и изјави, германските весници како да почнаа да го „отпишуваат“.

default

Во настојувањата да и’ стави крај на аферата околу кредитот од половина милион евра за купување куќа, кој го добил наводно од сопругата на бизнисмен-милионер, негов личен пријател, а потоа го трансформирал во кредит од банка - но под невообичаено поволни услови, германскиот Сојузен претседател Кристијан Вулф всушност се’ подлабоко се заплеткува. Во телевизиското интервју тврдеше дека не вршел притисок да не се објавува информацијата од страна на булеварскиот весник „Билд“, туку само барал еднодневно одложување на објавувањето. Од таму му противречат и побараа согласност од него да ја објават пораката што ја оставил на мејлбоксот на мобилниот телефон од главниот уредник. Вулф го одби тоа, што е повод за редица коментари во германските весници денеска (06.01.2012).

„Меркише одерцајтунг“:

„Вулф сега се противи на објавувањето на вистинскиот текст на кажаното во неговиот повик. Тоа обратно погледнато може да значи дека телевизиската вистина на Сојузниот претседател не беше целосна вистина, со што тој се фати во замката што самиот си ја постави. Тоа е истиот квазиадвокатски манир со кој тој дејствуваше и во парламентот на Долна Саксонија: служење со трикови наместо отвореност. Надежи се врзуваат за Ангела Меркел, со уверлив кандидат за наследник да го наведе на повлекување сегашниот домаќин од замокот Белви“.

„Вестдојче цајтунг“:

„Исказ и контраисказ, при што ’Билд‘ има доказ в рака, што може во секое време да го објави или на пример да му го презентира на неутрален арбитер. Дотогаш останува сомневањето дали Сојузниот претседател, во истото интервју во кое на луѓето им вети транспарентност, кажа невистина пред 11,5 милиони телевизиски гледачи. Во прашање е неговата веродостојност, карактеристика без која еден Сојузен претседател не може да биде Сојузен претседател“.

„Вестдојче алгемајне цајтунг“:

„По сета напишана критика, веќе и од чувство на праведност, радо би го бранеле Сојузниот претседател - не од наклонетост кон Кристијан Вулф, туку поради респект кон највисоката функција во државата. Само, кои олеснувачки аргументи тогаш би можеле да бидат пласирани? Едноставно, ни една не му паѓа на човека на ум.

Веќе не станува збор за прашањето: приватна порака или не, туку за тоа, кој ја зборува вистината - весникот или шефот на државата? Доколку Вулф на телевизија погрешно ги претстави работите, тоа би била прочуената капка од која се прелева чашата. Шеф на држава кој лаже - непојмливо! Ако би било само за одложување на известувањето за еден ден, зошто тогаш мораше да се извинува за ’тешка грешка‘? Резиме: Се ближи моментот во кој натамошното останување на Вулф на државничката функција причинува повеќе штета, отколку повлекувањето“.

„Триришер фолксфројнд“:

„Шефот на државата води мала војна со Билд-цајтунг. Работата стигна дотаму. Човек може само да се смее на тоа, да не беше длабоко жално. Кој го советува човекот? Билд-цајтунг секако е се’ друго, само не светец-испосник. Но, Вулф му ја олеснува работата. Неговиот кризен менаџмент оди кон нова најдолна точка. Уште колку долго може Вулф да издржи? Можеби Ангела Меркел би требало да ги затегне уздите. Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“.

„Вестфален-блат“:

„Сојузниот претседател ја стави својата судбина во рацете на еден медиумски концерн, кој може да реши да го избламира шефот на државата. Но, кој е уценлив, мора да се откаже од функцијата“.

„Ноје вестфелише“:

„Сојузниот претседател Кристијан Вулф останува верен на својата линија во кризата: тој јавно се декларира дека ќе биде искрен, се’ ќе изнесе отворено и дека е за поголема транспарентност. Неговите наредни постапки меѓутоа го демантираат. Така цело време се одвиваат работите.

Кристијан Вулф сака транспарентност само кога таа му е нему од полза. Притоа, една од неговите книги носи наслов ’Подобро вистината‘. Поради тоа нема подршка од неговата партија. Првиот ред од ЦДУ, се’ до канцеларката, молчи за да на биде вовлечен во кризата. И, сочекува да види дали неговите тврдења дека е чист се само празен муабет. Притоа станува збор за највисоката функција во државата. Сево е многу непријатно“.

„Мителбајерише цајтунг“:

„Начинот на кој Вулф се однесува спрема своите правно можеби простливи гревови од минатото де факто го дисквалификува како шеф на државата. Вулф нема да се повлече, дури и кога би сакал, оти тоа воопшто не би и’ одговарало на Ангела Меркел. Наместо тоа, и натаму ќе и’ се нанесува штета на функцијата Сојузен претседател, која е нужно неопходна морална инстанца“.

Обработка: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска 

DW.COM