1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германскиот печат за Грција: „Марш назад во сиромаштија“

Кризата на презадолжената Грција, малку турната во втор план за време на божиќните и новогодишните празници, се враќа во фокусот. Во денешните (09.01.2012) германски весници има повеќе написи посветени на оваа тема.

default

„Грчки кошмар“

„Ако има некоја константа во грчката борба против банкротот, тогаш тоа е дека севкупните планови за спасување исто толку бргу стануваат беспредметни, колку што бргу и се донесуваат“, забележува „Зиддојче цајтунг“. „Расте разочарувањето и што се однесува до најавените структурни реформи. Во ликот на Лукас Пападимос Грција навистина има реформски настроен преоден премиер, кој сепак е зависен од еден кабинет од стари политичари и од стар државен апарат. Тој апарат практично е невозможно да се реформира, опиша ОЕЦД во една поразителна оцена во декември. ММФ ја критикува и натаму катастрофалната состојба на финасиските власти, кои побргу го попречуваат, отколку што го поттикнуваат прибирањето на даноците“.

„Јануари би можел да биде судбоносен месец за Грција“

„Тагесшпигел“ пишува дека Грција „со диктатот за штедење и со покачувањето на даноците запаѓа се’ подлабоко во рецесија. Стапката на невработеност е речиси 20 проценти, кај младите дури 46,4 проценти се без работа. Кризата деморализира многумина од луѓето. Тие се исцрпени, губат надеж“.

Отпишувањето на дел од долговите треба да го направи поднослив товарот на долговите, но тоа не е доволно, се констатира во написот. „Ослободувачкото дејство на отпишувањето брзо ќе испари ако земјата конечно не ги преземе одамна неопходните структурни реформи. Без тоа, по неколку години повторно ќе стои на работ на пропаста. Многу стопански структури потекнуваат уште од 50-ите години на минатиот век. Стриктното регулирање на многу бранши, нивното изолирање од конкурентски натпревар, државното диригирање - сето тоа потсетува на односите во Германската Демократска Република (некогашната Источна Германија, н.з. ). Има причина зошто на грчките политичари им паѓа толку тешко да ги разбијат таквите односи: корупцијата, политиката на клиентела и непотизмот ја градат основата на нивната власт. Во таа смисла должничката криза во реалноста е криза на политичкиот систем. Тоа е фактичката драма“, констатира „Тагесшпигел“. Весникот уште предупредува дека напуштањето на еврозоната од страна на Грција е „опасен рецепт“ кој може да доведе до масовна сиромаштија и можеби до тешки социјални конфликти. „Кој сака да ја отпише Грција, мора да размисли за верижните реакции“, предупредува „Тагесшпигел“.

„Нов страв за Грција“

„Тац“ во текстот претежно посветен на напорите и механизмите за мултиплицирање на средствата во Фондот за спас на еврото, се задржува и на оценките на Меѓународниот монетарен фонд за актуелниот миг во Грција. Во контекст на мерките за помош на презадолжената земја, весникот нагласува: „Првобитно идејата беше со тие мерки до 2020 година долгот на Грција да се намали на 120 проценти од севкупните годишни стопански постигнувања. Но, грчката економија бележи толку силен пад, што се натрупуваат се’ нови и нови дефицити и во меѓувреме се смета за целосно илузорно дека договорите за помош би можеле да бидат доволни“.

Марш назад во сиромаштија“

Во коментарот на „Тац“ се нагласува дека „поимот ’банкрот‘ нема градација, па сепак грчката катастрофа расте од месец во месец“. „Сите реформи што досега и’ се наредуваат на Грција се на место - и сепак ја заоструваат рецесијата“ се констатира во коментарот и се предупредува: „Земјата ќе падне во онаа масовна сиромаштија, која требаше да се надмине со еврото. Политички тоа е многу опасно. Грција е експеримент од непозната сорта: никогаш по Втората светска војна една западноевропска земја не беше толку брутално и безизлезно турната во сиромаштија. Време е за занимавање не само со долговите од минатото, туку и со иднината на Грција“, смета весникот „Тац“.

Извор: Зиддојче Цајтунг, Тагесшпигел, Тагесцајтунг

Обработка: Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска