1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германскиот интерес на Косово

Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ денеска (09.01) го анализира значењето на дијалогот Белград-Приштина.

Во текстот со наслов „Германскиот интерес на Косово“, авторот Михаел Мартенс, меѓу другото, пишува:

„Не само во Берлин интересот за прием на нови држави во ЕУ во моментов е - нула! Шесте кандидати од Западен Балкан кои сакаат да се приклучат на Унијата ќе мора да чекаат, независно до тоа какви се нивните достигнувања во процесот на интергација. Германија, сепак, има интерес од натамошна стабилизација на Балканот. На Косово дотолку повеќе што скапиот ангажман на Бундесверот таму мора да се заврши на среден рок... Што мора да се случи за Србија и Косово, кое не е признато од Белград, да можат да негуваат барем половично нормални соседски односи? Покрај основното прашање на мирна коегзистенција, кое не мора да вклучува официјално признавање на Косово од страна на Србија, има и практични тешкотии. Во дијалогот кој е диригиран од страна на ЕУ, Белград и Приштина треба низ првично ’техничките’, а од неодамна и официјални политички разговори, да се обидат да ги решат овие прашања. Косовскиот политиколог и поранешен советник на владата Леон Малазогу и Флоријан Бибер, експерт за историја на ЈИЕ на Универзитетот Грац, во една студија објавена во Минхен, деновиве ја сумираа состојбата на преговорите. Што веќе се случи и што уште треба да се случи на патот на нормализација на српско-косовските односи? Кои договори постигнати во Брисел навистина се реализираат, а кои се присутни само на хартија? Заклучокот на авторите гласи: преговорите се одвиваат мачно, но имаат донесено извесен успех“, пишува ФАЦ.

„Мителбајерише цајтунг“ се занимава со Социјалниот извештај на ЕУ и опасноста северот и југот да се оддалечуват уште повеќе:

„Кризата ја подели Европа на два дела. Додека југот се‘ повеќе се приближува до пропаст, на северот му оди толку добро како што долго не му одело. Јазот меѓу сиромашните и богатите во еврозоната е голем како никогаш досега. Притоа, уште еднаш пред очи јасно излегува дека недостатоците во монетарната унија придонесуваат за ваквиот загрижувачки развој. Крајно време е да се размисли за курсот на штедење што го пропагира сојузната канцеларка. Тоа се двете славни страни на медалот... Најновите студии покажуваат дека секое евро што државата ќе го заштеди го намалува брутодомашниот производ за две евра. Ако Европа не преземе нешто во тој поглед, јазот меѓу северот и

југот ќе се продлабочува. Но не треба да се смета со корекција на курсот набргу, зашто за канцеларката Ангела Меркел ваквите барања се исклучително неповолни. Таа, со оглед на сојузните избори, сака и натаму да се инсценира како строга менаџерка со штедењето и кризата. Освен тоа, мерки за поттик на порастот во Европа би морало да се финансираат и со германски даночни средства. На југот на Европа му се заканува уште една мизерна година.“

За земјата на југот, Грција, односно за состојбата во грчката опозиција, денеска пишува „Зиддојче цајтунг“:

„Грчката криза, колку и да звучи парадоксално, и‘ помага на исклучително многу несаканата влада во Атина. Мнозинството Грци повеќе се плашат да не го загубат и она малку што им останало, отколку што се надеваат дека со нови избори би добиле нешто. Тоа го знаат и лидерот на опозицијата Алексис Ципрас и неговиот левичарски сојуз Сириза, кои во истражувањата на јавното мислење се котираат подобро од конзервативците на премиерот Андонис Самарас.“