1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германскиот индекс на акции на рекордно ниво

Германскиот индекс на акции - ДАКС, ја надмина рекордната вредност која беше забележана последен пат пред шест години. Трговците со акции слават и на останатите светски берзи.

Надежта на инвеститорите дека каматите и натаму ќе останат ниски е главната причина за порастот на најважниот германски берзански барометар, индексот на акции ДАКС. Денеска тој ја достигна вредноста од 8.154,76 поени, што значи дека го надмина рекордот од пред шест години, кога беа забележани 8.151,57 поени.

„Политиката на ниски камати на централните банки дава штоф од којшто се ткаат сништа“, вели економскиот експерт Оливер Рот од Close Brothers Seydler. Сонот се‘ уште не е завршен, но „дотолку потешко ќе биде потоа будењето“, нагласува Рот.

Европската централна банка минатата недела и онака екстремно ниските основни каматни стапки во еврозоната ги намали на само 0,5%. Тоа треба да ги мотивира претпријатијата да земаат нови поволни кредити и да инвестираат. Тоа се оценува како позитивно за очекувањата на претпријатијата околу висината на добивката и со тоа се предизвикува натамошен раст на курсевите на берзите.

И на останатите берзи ниските камати се причина за рекорди. Во Токио индексот Никеи е на ниво како во јуни 2008 година, а берзанските трговци имаат причина за радост и во Лондон - таму индексот ФТСЕ е на највисокото ниво од декември 2007 година.