1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германскиот извоз расте со силно темпо

Германскиот извоз само во јуни забележа скок од 3,8 проценти - четирипати повеќе отколку што беше предвидувано. Рапидниот подем започна во мај, а прогнозите велат дека ќе продолжи и во наредната година.

default

Автомобилите произведени во Германија повторно се барани

Германските автомобили и специјални возила повторно се многу барани во светот. Во јули беа продадени 50 проценти повеќе стопански возила, отколку пред една година. Слично е и во машиноградбата, медицинската техника и во други бранши. Посебно добро оди трговијата со земји надвор од Европа, под влијание и на поволниот курс на еврото, што ги прави поевтини германските производи. „Предвидуваме вистински добар развој на германскиот извоз во оваа и во наредната година. Годинава порастот ќе изнесува 11, а догодина осум проценти. Така веќе догодина ќе го анулираме ударот од кризата од 2008 и повторно ќе ги достигнеме или надминеме рекордните вредности од предкризните години“, истакна Аксел Ничке, во Германската индустриска и трговска комора одговорен за надворешната економија.

Во првата половина од 2010 година Германија извезе стоки во вредност од 458 милјарди евра, што на извозниците им донесе за 18 проценти повисоки приходи. Пораст бележи и увозот, кој достигна вредност од 384 милијарди. Ова делумно е резултат на зголемената домашна побарувачка, но увозот пред се’ е во функција на извозот, оти во секое евро од извозот со 40 центи учествуваат претходно внесени стоки. Комората смета дека мотор на порастот на извозот во наредните години ќе биде германската еколошка техника.

Земјите во развој придонесуваат за опоравување на германското стопанство

За толку брзото опоравување на германското стопанство придонес даваат земји во забрзан подем, како Индонезија и Бразил. Во регионите на Југоисточна Азија и Јужна Америка многу се вложува во модернизација на индустријата, од што посебно профитира германската машиноградба.

Германија најмногу увезува од Кина, и тоа, покрај ефтини стоки, се’ почесто и пософистицирани производи, како на пример електрични апарати. Извозот на Кина, според предвидувањата, ќе расте уште посилно од германскиот и таа ќе ја задржи титулата најголем светски извозник, што лани ја презеде од Германија.

Автор: Дан Хиршвелд/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска