1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германскиот извоз повторно расте

Made in Germany. Знакот кој и во времиња на криза е доказ дека е во прашање високо квалитетен производ. Иако Германија кон крајот на минатата година ја загуби титулата светски првак во извоз, работите сега се поправаат.

default

Добри вести доаѓаат првенствено од германската електронска индустрија. По тешките порази во 2009 година, оваа бранша добива се поголем број порачки. Извозот во февруари 2010 година пораснал за 20 проценти во однос на истиот период претходната година. Експертите предвидуваат пораст од еден процент во вториот квартал за севкупното германско стопанство. Тоа би бил најголем пораст во последните две години.

Причината за добрата состојба со германскиот извоз лежи во слабото евро. Генерално погледнато, слабото евро е добро за германскиот извоз во земјите каде што доларот е официјална валута и во земјите во Азија. Статистиката покажува дека извозот во европските земји без евро и во земјите надвор од ЕУ, е значително зголемен. Во еврозоната, извозот бил двојно помал.

Германската влада е свесна колкаво влијание има извозот врз развојот на стопанството. Токму поради тоа германските фирми се штитат со т.н. Хермес гаранции. Во случај некој странски купувач да не го плати производот кој го купил од некоја германска фирма, државата гарантира за нивното плаќање.

Незадоволство во Франција

Со добрата извозна состојба, сепак, не се сите задоволни. Неодамна Французите го критикуваа германското стопанство, бидејќи сметаат дека другите морале да платат поради вишокот во германскиот извоз. Бројките покажуваат каде лежи причината за француската загриженост. Од 1966 година Франција многу повеќе увезува отколку што извезува во Германија. Во 2008 година, трговскиот дефицит изнесувал 30 милијарди евра.

Flash-Galerie MiG Export

Кина минатата година ја презеде од Германија, титулата светски првак во извоз. Кинескиот извоз минатата година изнесувал 1,2 трилиони долари. Во истиот период Германија извезла продукти во вредност од 1,12 трилиони долари. Губењето на титулата, според претседателот на Сојузот за надворешна трговија, Антон Бернер, и не е така трагично. „Колку е побогат нашиот муштерија, толку подобро за нас. Кога кинезите со нивната огромна економија која брои 1,3 милијарди луѓе дополнително ќе напредуваат, и ќе станат побогати, тогаш ќе се зголеми и побарувачката кај нив за производите и услугите кои ги нудиме. Кинеската економија е со децении зад нас, тие мораат да инвестираат дополнително во социјалниот систем и мислам дека од тој аспект ние сме одлично позиционирани и дека имаме многу да понудиме“.

Ваквите тврдења ги потврдува и статистиката. За првпат Кина се најде меѓу 10- те најголеми купувачи на германски производи.

Иако бројките покажуваат нагорна линија, сепак, германската економија е се’ уште далеку од своите најдобри резултати. Па така, вкупната вредност на извозните производи во 2008 година, пред кризата, изнесувала 83 милијарди евра. Во февруари 2010 година, таа вредност изнесувала само 70 милијарди евра.

Автор: Арне Лихтенберг/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска