1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германскиот буџет преполн

Германската држава, благодарение на високите приходи од даноци, финансиски стои подобро од очекуваното. Во првата половина на 2013. е остварен суфицит од цели 8,5 милијарди евра!

Германската влада за годинава досега очекуваше мал дефицит во буџетот од 0,5% од брутодомашниот производ. Новите податоци од Сојузниот завод за статистика, сега, даваат повод да се верува дека државата ќе ја заврши годината со суфицит. Имено, во првата половина од 2013-та забележан е пораст на приходите од 0,6%.

„По се‘ изгледа на крајот на годината ќе има порамнет буџет“, оценува Гец Цедис од Институтот за економски истражувања во Хале. Тој нагласува дека „пазарот на работна сила е стабилен, а зголемувањето на платите е големо“. Приватната потрошувачка исто така придонесува многу за зголемување на приходите, поради данокот на додадена вредност.

Приходите на државата во првите шест месеци од годинава изнесуваат 604,5 милијарди евра, или 2,8% повеќе отколку во истиот период лани. Речиси половина од приходите, според статистичките податоци, доаѓаат од даноци. Во овој дел има 3,8% повеќе приходи отколку лани.

Сојузниот завод за статистика соопшти и дека по слабата зимска сезона, брутодомашниот производ во вториот квартал од 2013 година, во споредба со кварталот пред него, бележи пораст од 0,7 проценти.

„Вториот квартал беше многу солиден“, коментира аналитичарот на Беренберг Банк, Кристијан Шулц. Порастот се потпира на широка основа. Две третини доаѓаат од зголемената домашна потрошувачка, а една третина од надворешната трговија.

Првпат по подолг период зголемени се и инвестициите. Во опрема, како машини и апарати, како и возила, се инвестирани 0,9% повеќе отколку во претходниот квартал. Градежните инвестиции бележат пораст од дури 2,6%.