1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германскиот бизнис бара антикорупциски закон од политичарите

Повеќе од 30 водечки германски компании побараа од Бундестагот во Берлин да ја ратификува меѓународната конвенција за борба против корупцијата. Фирмите се загрижени за нивниот углед... но и политичарите исто така.

Откако беше усвоена пред 9 години, Конвенцијата на ОН за борба против корупција беше потпишана од 160 земји. Со договорот нациите се обврзуваат да се борат против корумпирани функционери и членови на парламенти. Конвенцијата исто така ги повикува потписниците со заеднички средства да се борат против корупцијата на меѓународно ниво.

Досега само неколку земји не ја потпишаа. Меѓу нив, Саудиска Арабија, Судан, Сирија и Германија. Одбивањето на политичарите во Берлин да ја ратификуваат конвенцијата ги натера на акција домашните бизнисмени.

Првите луѓе на водечките компании во повеќе сектори во заедничко писмо до сите политички партии и до парламентот бараат Бундестагот веднаш да ја ратификува конвенцијата. „Одбивањето да се потпише конвенцијата го урива угледот на германскиот бизнис“, се наведува во писмото.

Кредибилитет

Јирген Паутнер, експерт за корупција на Франкфуртската школа за финансирање и менаџмент вели дека писмото на бизнис заедницата укажува на промена на пресметката на вредностите во изминатите години.

Porträt Jürgen Pauthner

Јирген Паутнер

„Кредибилитетот на компаниите, поединците и државите во однос на утврдените правила има огромна економска вредност“, вели Паутнер за ДВ. Дел од таквиот кредибилитет, според него, е и сигурноста дека парламентарците не се вмешани во корупција.

Германските компании во писмото наведуваат дека усвојувањето на анти-корупциските правила ќе им помогне и ним при работата во странство. Од организацијата „Транспаренси интернашнл“ ја поздравуваат иницијативата.
„Добро е што ја отворија иницијативата која ние ја поддржуваме веќе со години. Делото поткуп на парламентарци мора конечно да биде заострено и треба да се ратификува конвенцијата“, вели Кристијан Хумборг, директор на германското биро на Транспаренси.

Германија, всушност, ја потпиша конвенцијата пред 9 години, но ратификацијата заглави во парламентот. Причината е што со неа се бара јасна и недвосмислена казна за избрани претставници доколку се утврди дека примиле мито. Купувањето пратенички глас досега беше само прекршочно казниво дело во Германија. И притоа, казната опфаќа само гласање на пленарните сесии на Бундестагот или на седници на комисии. Германскиот антикорупциски закон не го опфаќа мислењето кое парламентарците го даваат во партиските работни тела. Во моментов, не се смета за нелегално доколку некое лице е поткупено за да влијае врз исходот на гласање во некоја работна група.

Кој се плаши од Конвенцијата?

Хумборг се сомнева дека германските парламентарци не го ратификуваат договорот за да се заштитат себеси, но тоа испраќа срамни сигнали кон меѓународната заедница.

„Како можете да му кажувате на Авганистан да се бори против корупцијата за да продолжи да добива германски пари, а вие самите не ја ратификувате Конвенцијата?“ се прашува Хумборг.

Deutschland Geschäftsführer von Transparency International Christian Humborg

Кристијан Хумборг

Владејачката коалиција во Германија тврди дека ратификацијата на Конвенцијата ќе претставува сопирачка за пратениците при претставувањето на нивните гласачи.

„Никој тоа не го разбира. И од правна и од економска гледна точка, не постои ниту еден аргумент за тоа дело да не се смета за криминал“, вели Паутнер.

Според Хумборг, пак, ратификацијата на Конвенцијата и онака нема да ги загрози парламентарците на државно ниво. „Засилувањето на антикорупцискиот закон пред се’ е важно на локално ниво, бидејќи локалните совети и властите се пред се’ обврзани со овие статути. Претпоставувам дека таму и ќе има најмногу нерегуларности“, заклучува Хумборг.

Германските бизнисмени се обидуваат да апелираат и на совеста на пратениците, па во писмото до нив заклучуваат: „Искрени избрани функционери немаат потреба да се плашат од поостри правила“.