1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Германска поддршка на Македонија за членството во НАТО

Германија и во иднина ќе ја поддржува Македонија на воено политички план! Ова е кусото резиме од синоќешните неформални разговори меѓу македонскиот министер за одбрана ,Лазар Еленовски и неговиот германски колега, Франц Јозеф Јунг. Министерот Еленовски учествува на дводневната Берлинска конференција за европската безбедносна и одбранбена политика, каде имаше и свое обраќање.

Франц Јозеф Јунг

Франц Јозеф Јунг

“Битна за Македонија беше недвосмислената поддршка на Сојузна Република Германија за самитот во Рига. Во таа насока побаравме да бидат признати сите направени реформи и постигнатиот прогрес од последниве години. Како и за сите работи до сега, беше кажано дека Германија ќе ја потенцира важноста на Македонија и нејзиното што поскоро членство во Алијансата. Нормално сега со одреден појак сигнал за идното проширување на Алијансата” - изјави министерот за одбрана Лазар Еленовски за една од темите од синоќешниот разговор со првиот човек на германската одбрана Франц Јозеф Јунг. Иако средбата беше неформална, уште од попладнето пред зградата на Минситерството за одбрана во Берлин се вееше македонското знаме. На средбата со министерот Јунг, акцентот беше ставен на досегашната и идната соработка меѓу Бундесверот и АРМ. Конкретно: поддршката на реформите во армијата на Македонија, како и заедничкиот ангажман во мисијата ИСАФ во Авганистан. Еленовски појасни дека дел од македонскиот контингент е во рамките на германскиот во Авганистан. Станало збор за натамошно продолжување на соработката и можното учество и партиципацијата на Македонија во главниот безбедносен предизвик за ЕУ т.н. борбени трупи. Натамошните детали околу соработката, според Еленовски, ќе ги договорат експертите од двете земји.

Инаку, министерот Еленовски и вчера попладне пред учесниците на Берлинската конференција за европската безбедносна и одбранбена политика, говореше за придонесот на Македонија во европската мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина. Тој подвлече дека владата и парламентот донесле одлука за проширување на хелихоптерскиот деташман во Мостар, како и за вклучување на медицински тим, со што Македонија се потврдува како рамноправен партнер со поголемите нации - членки на Алијансата. На конференцијата на која учествуваат над 2.000 експерти, 25 министри и стотина генерали и адмирали се потврди определбата Европската Унија и натаму да работи на концептот на таканаречените борбени трупи, слични на силите за брза интервенција на НАТО. Експертите ја потенцираа и неопходноста од заедништвото меѓу НАТО и ЕУ. Едновремено беше подвлечена и потребата од заедничка европска одбранбена и безбедносна политика во која капацитетите нема да се удвојуваат и која ќе биде ефикасна, а со тоа и не толку скапа!