1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Германска поддршка за Македонија - од дистанца!

До шефот на дипломатијата Никола Попоски, кој е во работна посета на Германија, политички Берлин упати пофалби и критики за европскиот пат на Македонија. Поддршката стои, но без директно мешање во спорот со Грција

default

Berlin - mazedonische Flagge

Официјалната порака од политичарите кои вчера (24. април) беа соговорници на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во Берлин, вклучувајќи го и неговиот ресорен колега Гидо Вестервеле е јасна: сите посакуваат Македонија да продолжи по европскиот пат. Но, иако спорот со Грција околу името се смета за апсурден, Берлин не сака да се меша во неговото разрешување. Поради се’ уште актуелната расправија, малку кој верува дека во јуни Европскиот совет ќе одобри датум за старт на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Наспроти ваквиот официјален тон, во кој на пример се потренцира и потребата од партиски консензус за спроведување на внатрешните реформи преку кои ќе се напредува на натамошниот европски пат, од германското МНР се дознава и друго. Наводно од министерот Попоски, како вели извор на ДВ „било побарано  со поголема смелост и дух за компромис да придонесе во надминување на пречките во билатералните односи со соседите“.

Клучна улога на пратениците од Бундестагот

Како што дознаваме од ЦДУ-ЦСУ на шефот на македонската дипломатија му е пренесен германскиот интерес за разрешување на проблемот, зашто „постојаното чекање носи закани за внатрешната стабилност на земјата“. Покрај посочениот позитивен развој, биле пренесени и критики. Демохристијаните  во расправијата околу името не гледаат само проблем на Македонија со Грција, туку забелешки биле упатени и на бројните споменици на Александар Велики и антиквизацијата кои воопшто не придонесуваат за релаксација на  ситуацијата.
Пораката која е испратена како вели изворот на ДВ е: „Работите со Александар  беа доволни и добро ги разбравме! Ајде сега да се расчисти проблемот со Грција, па ние во Бундестагот колку што е можно поскоро да дадеме зелено светло со кое ќе може да се дојде до  датум за присапните преговори на Македонија со ЕУ“.
Пратениците во Бундестагот, во суштина се клучни во формалниот процес на доближување до ЕУ, зашто според членот 10 од Законот за Бундестагот, сојузната канцеларка мора да ја има согласноста од Парламентот, за да може на ниво на Унијата да даде „зелено светло“ од име на Германија за почеток на пристапните преговори. Станува збор за процедура која во нормални околности трае околу 8 недели. Но, за Македонија - постапката би била скусена зашто препораката за старт на преговорите од Комисијата веќе има „стаж“ од пет години, парламентарците се во тек со случувањата и се чека само решението на спорот со Грција.



Нула шанси за директен ангажман на Германија

И работната посета на министерот Попоски на Берлин токму е со цел да ја оддржи будноста и сензибилитетот на  парламентарците на Бундестагот околу Македонија. Практично се’ останува во нивни раце зашто нити германската Влада, а у ште помалку  сојузниот канцелар немаат намера да се вклучлат во решавањето на спорот,  да притиснат врз Грција и ЕУ , иако тоа  досега имаше повеќе прилики да го направат.
Германската страна во прво време се обидувала да помогне, но како објаснува изворот на ДВ, во екот на кризата инволвирањето на Германија во спорот би било контрапродуктивно. Затоа „шансата Германија да биде директно активна во спорот е рамна на нула“.Во една ваква ситуација, оценката е дека е добро што еврокомесарот Филе најде друг пат да се водат неформални преговори на високо ниво, кои ја имаат практично вистинската функција како оние формалните. Ова е од интерес на времето кое ќе биде скусено во периодот кога спорот ќе се реши и кога пристапните преговори и официјално ќе стартуваат. Зашто, колку подобро Македонија ќе биде подготвена, толку покусо ќе трае процесот на преговарање.
Министерот Никола Попоски, на вториот ден од работната посета на Берлин (25. април) ќе ги продолжи средбите со парламентарците од Бундестагот кои како што изјави за ДВ, начелно ја даваат германската поддршка - Македонија да го следи логичниот напредок и дека освен Грција нема друга причина за одложување на пристапниот процес!