1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германска економија- успех поради ниските плати?

Европските партнери критикуваат дека успехот на германското стопанство меѓу другото се должи и на ниските плати. Поплаки попусто, кога не ги споделуваат и оние кои ги добиваат тие, условно кажано, ниски плати.

Вработените доживеаја многу нешта во изминатите 25 години. Пред обединувањето на Германија, во некогашниот комбинат за машиноградба работеа 4300 лица. Потоа уследија драматични промени: нов почеток, приватизација, банкрот, уште еден нов почеток.

Без работа остануваа час илјадници, час стотици работници - секогаш висеше стравот за сопственото работно место. Сега „Хекерт“ му припаѓа на еден швајцарски инвеститор - и фирмата е во подем.

Андреас Тилгнер го доживеа сето тоа - тој веќе 30 години работи овде како конструктор, 15 години е член на работничкиот совет. „Секогаш е важно претпријатието да е на здрави основи. Само така можеме да ги зачуваме работните места што ги имаме - а во крајна линија, тоа е и најважното“, вели Тилгнер.

Тилгнер е на „ти“ со шефот на продажбата Михаел Фидлер. Себе си се гледа како посредник меѓу раководството и вработените.

„Хекерт“ истапи од тарифниот договор на државно ниво, што значи дека гранковниот синдикат веќе не може да ги договара платите. Сега претставниците на вработените мораат самите да преговараат со нивните шефови. Вака е веќе во речиси секое второ претпријатие во Германија.

„Добар сооднос“

„Вака е поедноставно отколку да преземеме договори склучени некаде на друго место, кои можеби за нас воопшто не се соодветни“, објаснува Фидлер.

Претседателот на Работничкиот совет на „Хекерт“. Андреас Хилгнер се надоврзува: „Кој може, ако не ние, директно меѓусебно да комуницира и да ги решава проблемите?“

Плати без тарифен договор по правило значи помалку пари во џебот. Тоа се однесува и на вработените во „Хекерт“.

Тие имаат доверба во Работничкиот совет дека ќе извлече повеќе пари за нив. На последните избори за Андреас Тилгнер гласаа околу 90 насто од вработените.

А тој преговара соодветно на ситуацијата на пазарот. Имаше неколку посни години, тогаш беше повоздржан. Раководителот на продажбата во „Хекерт“, Михаел Фидлер ја објаснува актуелната ситуација на пазарот: „Нашите главни конкуренти веќе денес не се од Италија или Шпанија, туку во најголем дел од Кина, Јапонија, Тајван, Кореја - значи, од азиските земји. Но, не треба да се грижиме за извозниот суфицит на Германија или за недоволната куповна моќ. Мислам дека за нивото на кое ние се наоѓаме, имаме сосем добар сооднос меѓу она што го постигнува стопанството и колку од тоа профитираат вработените.“

Пониски плати наместо отпуштања

Во „Хекерт“ нема работници изнајмени на одредено време - сите се редовно вработени.

Тоа чувство на сигурност работниците знаат да го ценат. И тоа го прави претпријатието привлечно за работниците од регионот.

„Мене всушност почесто ми се случува луѓето да прашуваат за некоја интересна задача и да се информираат за атмосферата во претпријатието, каква е соработката во тимот и слични прашања. Необично е дека не е секогаш платата на прво место.“, вели Фидлер.

Се разбира, повеќе пари добро би им дошле на работниците. На почетокот на наредната година на Тилгнер му претстои нова рунда преговори.

Претходно ќе ги проучи податоците за работењето на претпријатието, па ќе испита колкаво покачување на платата ќе може да извлече за колегите.

„Грото од парите ќе ни биде поделено. Ако штедат, тогаш го прават тоа само затоа што сметаат дека иднината не е сигурна.“ , вели Шандор Кенец, бравар во „Хекерт“

Токму несигурноста сака Андреас Тилгнер да ја избегне - вели, нема полза да се издејствуваат повисоки плати, ако поради тоа подоцна колеги бидат отпуштани од работа.