1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германска дигитална библиотека

Германија има намера да го дигитализира културното богатство. Книги, слики, филмови, ноти - сето тоа во иднина би требало да биде достапно преку интернет на едно место и тоа без каков било надомест.

default

Дигитализацијата на културните дела во Германија е во полн ек

Германската влада деновиве усвои одлука за создавање национална дигитална библиотека со дела од литературата, уметноста и музиката.

Државниот министер за култура Бернд Нојман говори за „проект на столетието“ за „квантен скок во светот на дигиталните информации“:

„Станува збор за тоа, и во дигиталниот свет да го зачуваме и да го заштитиме културното наследство, и преку дигитализацијата дури и да го направиме достапно за многу поголем дел од јавноста“ , порачува Нојман.

Тој истакнува дека за планираната Германска дигитална библиотека ќе бидат вмрежени преку 30 илјади датотеки на германските културни и научни установи, а пристап до дигиталната библиотека ќе биде овозможен преку еден портал и тоа трајно и без какво било комерцијално користење.

Авторските права ќе бидат гарантирани

Faust-Sammlung in Weimar

Германија неодамна го критикуваше начинот на кој интернет гигантот Гугл ја подготвува дигиталната библиотека достапна секому. Канцеларката Ангела Меркел предупреди дека авторските права мора да бидат заштитени.

За разлика од Гугл, кај Германската дигитална библиотека ќе биде загарантирана целосна заштита на авторските права. Најнапред ќе биде побарана дозвола од сопствениците на авторски права, вели Нојман.

Идејата за дигитализација и архивирање на дигитализираните документи не е нова. Но, досега не постои централно место на кое може да им се пристапи на дигитализираните документи, вели Уте Швенс, директорка на Германската национална библиотека во Франкфурт на Мајна и претседателка на стручната работна група за Германската дигитална библиотека.

Најголем предизвик - хетерогеноста на дигитализираните материјали

Во иднина би требало да биде возможно на едно место да се пребаруваат сите видови медиуми. Ако во пребарувачот се уфрли името на Јохан Себастијан Бах, би требало да се добијат не само текстови, туку и ноти, музика и слики, вели Швенс.

Германија со ова придонесува кон богатството на Европската културна датотека „Еуропеана“, која беше пуштена во употреба пред околу една година.

Најголем предизвик на овој проект е хетерогеноста на дигитализираните материјали. Текстовите, музичките дела или уметничките објекти различно се бележат во дигитален формат. Затоа не е едноставно да се постигне од сите тие различни материјали пребарувачот да дојде до резултати кои имаат смисла.

Автор: Петра Ламбек/ Симе Недевски

Редактор: Трајче Тосев