1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германската фудбалска репрезентација во 2012: светлина и многу сенки

Фудбалски зенит на 2012 година беше ЕП во Полска и во Украина. Германската репрезентација замина како втор фаворит за титулата по моќната Шпанија, но повторно патот до толку посакуваната титула заврши во полуфиналето.

Високо леташе и леташе, ниско падна - Фудбалската репрезентација со огромен потенцијал не ја постигна саканата цел. Пред десет години германската фудбалска репрезентација на СП во Јапонија и Јужна Кореја, без премногу талент и со тврдоглава упорност стигна до финалето каде беше поразена од Бразил со 2:0.

Меѓутоа во 2012 година ситуацијата изгледаше сосема поинаку. Германската репрезентација речиси никогаш, како во оваа година, немаше таленти какви што се Геце, Ројс, Крос, Кедира, Озил и Швајнштајгер. Меѓутоа на Европското првенство во Полска и во Украина, избраниците на селекторот Јоахим Лев во полуфиналето заслужено загубија од Италија со 2:1. Италија е „проклет“ противник на Германците и вакво нешто не се случува за првпат. Во полуфиналните натпревари на Мундијалите во 1970 и 2006 година Германија истотака беше поразена од Италија.

Погрешна поставеност на теренот

UEFA EURO 2012 Halbfinale Deutschland vs Italien Tor

Најболната и највпечатлива сцена за германскиот репрезентативен фудбал во 2012 (Марио Балотели при прославата на еден од двата гола против Германија)

Поразот на ЕУРО 2012 беше заслужен. Италијанците едноставно беа подобри. Германците во техничка смисла беа подобри, но правеа многу грешки и им недостасуваше завршница пред голот. Играчите, пред се’ беа погрешно поставени на теренот. Лукас Подолски и Бастијан Швајнштајгер, кои не беа во форма, како и Тони Крос требаа да го чуваат италијанскиот фудбалски мајстор Андреа Пирло. Меѓутоа оваа тактика не функционираше. Кон тоа треба да се придодадат и индивидуалните грешки на одбранбените играчи Матс Хумелс и Филип Лам, по кои контроверзниот напаѓач на Италија, Марио Балотели ги постигна головите. Многумина фудбалски познавачи сметаа дека тактиката на селекторот беше погрешна, но самиот Јоахим Лев го негираше тоа.

Инаку и во претходните натпревари на Европскиот шампионат од германска перспектива имаше подеми и падови: Португалија беше совладана со многу волја и среќа, а Данска со волја и сила. Тренерот Лев до денес нема дадено објаснување зошто во полуфиналето против Италија не играа младите ѕвезди Марио Геце и Марко Ројс.

Историски пресврт на Шведска

2012 година во историјата на германската репрезентација ќе биде запаметена и по средбата во квалификациите за Светското првенство 2014 во Бразил, која беше одиграна на 16 октомври во Берлин. Противник беше Шведска. Натпреварот се состоеше од два различни дела: 60 минути добра игра, убедливо водство и доминација и 30 минути заспаност и четири примени голови. Во оваа средба против Скандинавците, или подобро кажано против еден Скандинавец, потфрлија одбраната и голманот Мануел Нојер. Врвниот светски напаѓач во редовите на Шведска, Златан Ибрахимовиќ речиси самиот се справи со германските единаесетмина.

Zlatan Ibrahimovic Schweden FIFA World Cup 2014 Stockholm

Златан Ибрахимовиќ ја доведе својата Шведска до невозможно реми

И во другите натпревари, па и оние пријателските, во 2012 година имаше повеќе падови отколку успеси. Добра форма беше прикажана на квалификациската срадба против Ирска во Даблин, која Германците ја добија со убедливи 6:1. Избраниците на Лев од друга страна играа слабо против Австрија и на среќа извојуваа минимална победа во квалификацискиот натпревар. Во пријателските средби само против Израел е забележана победа. Последен настап на германската селекција годинава беше пријателскиот натпревар против вечниот ривал Холандија. Средбата на 14. ноември во Амстердам по здодевните 90 минути заврши без голови.

Трите останати пријателски натпревари во 2012 година завршија со порази за Германците: против Франција, Швајцарија и Аргентина. Речиси секоја средба имаше иста дијагноза. Најнапред младите репрезентативци играа брзо и опасно, додека одбраната често беше деконцентрирана. Селекторот Јоахим Лев истотака го потврди тоа и порача дека во наредната година интензивно ќе се работи на поправање на грешките.