1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Германската СПД се свртува кон “лево“

Германските социјалдемократи го зајакнаа левичарскиот профил на Конгресот во Хамбург. Но, тоа не мора да донесе поголеми проблеми во владината коалиција, каде социјалдемократската партија e помал коалиционен партнер.

default

Лидерот на партијата Курт Бек по говорот што делегатите го наградија со овации

Ова е доминантната оценка во овдешната јавност за последиците од новата ориентацијата на германските социјалдемократи по конгресот одржан на викендот.

Германската канцеларка Ангела Меркел не очекува поголеми превирања и затегнати односи во големата коалиција што ја предводи. Во интервју за втората програма на германската ТВ, таа порача:

“Бидејќи и самата сум претседател на партија, знам дека партиските конгреси имаат сопствена динамика и правила. Но, како канцеларка велам јасно и гласно: Германија оствари напредок, сакаме на крајот на овој легислативен период на луѓето да им е подобно отколку на почетокот, а тоа значи да создадеме нови работни места и да ги зацврстиме темелите на стопанскиот подем. Во овие две години на сегашната владина коалиција видовме дека промените се исплатеа, дека создадовме нови работни места и тоа ќе биде и понатаму мојата основна насока за работата на владата. Сметам дека во нејзината исправност ќе успеам да ги уверам сите членови на владиниот кабинет, вклучувајќи ги и оние од СПД.“

Од редовите на нејзината христијанско демократска Унија сепак дојдоа остри критики на новата програмска ориентација на помалиот коалиционен партнер, СПД. Така генералниот секретар на христијанските демократи Роналд Пофала оцени дека СПД со новата програма се вратила во “камено доба“. СПД се повикува на марксистичка анализа на општеството и на вредности на демократскиот социјализам. “Во Германија веќе доживеавме доволно социјализам. СПД треба да се оддалечи, а не да се приближува до Партијата на левицата“ - порача Пофала.

Шефот на Либералите Гидо Вестервеле исто гледа политички комбинаторики како подлога за новата ориентација на СПД:

“И јас сметам дека тоа што СПД го заклучи на Конгресот во Хамбург е подготвка за црвено-црвен-зелен сојуз. Таму дојде до израз нова партиска генерација која нема да се воздржува од создавње коалиција со Партијата на левицата и со Зелените.“

Дека СПД бара нов профил за да се разликува од сегашниот коалицинен партнер, христијанско демократската унија, потврди и претседателот на социјалдемокртите Курт Бек. Тој на Конгресот борбено порача: СПД е повторно тука! А новиот заменик претседател Андреа Налес од левото крило на партијата најави дека СПД посилно ќе се конфронтира со поголемиот коалиционен партнер во владата.

Министерот за финансии и исто заменик претседател на СПД, Пеер Штајнбрик напротив изрази увереност дека владината коалиција со христијанските демократи ќе издржи до крајот на легислативниот период во 2009-та. Прво мора да се види колку од партиските заклучоци ќе најдат место во секојдневната политика, појасни Штајнбрик. Тој исто така призна дека заклучоците на Конгресот треба да и‘ помогнат на партијата подобро да се профилира во однос на христијанските демократи како постар коалиционен партнер. Слично се изјасни и третиот заменик претседател, министерот за надворешни работи во актуелната влада Франк Валтер Штајнмајер. Тој дури не се согласува ни со општата оценка дека СПД на Конгресот доживеала свртување на лево.

Реизбраниот претседател Курт Бек на Конгресот нагласи:

“Сакаме да останеме на заложбата за почитување на добро завршената работа. Оној кој е во полн работен однос треба да може од тоа чесно и добро да живее!“

Ваквата заложба за правата на работниците наиде на позитивен одек и во редовите на германските синдикати. Шефот на Сојузот на синдикатите Михаел Зомер порача дека гледа нова стратешка определба на СПД кон темелните социјалдемократски вредности, што отвора можност за ново приближување со синдикалните организации.