1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Германската полиција уапси седуммина за фалсификување документи

Германската полиција во случајот со т.н. „Хамбург мафија“ уапси седум лица и изврши претрес на десетици станови и деловни простории. Еден 29-годишен Македонец е во притворското одделение на основниот суд во Хамбург.

По налог на обвинителствата во Хамбург и Хале, полицијата изврши претрес на 33 приватни и деловни простории ширум Германија (од нив 11 во Хамбург) и уапси седум лица поради сомневање за вмешаност во фалсификување документи. Притоа се запленети голем број доказни материјали.

Според соопштението на хамбуршката полиција, издадено денеска (22.11), акцијата на полицијата траела во текот на целиот вчерашен ден. Истрагата претходно покажала дека лица од Хамбург одржувале телефонски и електронски контакт со 29-годишен македонски државјанин и му доставувале лични податоци и биометриски фотографии. Потоа добивале поштенски пратки во кои се наоѓале фалсификувани лични документи, како пасоши, возачки дозволи и слично, од неколку европски држави - Италија, Грција, Бугарија, Чешка, Словенија, Финска, Белгија, Швајцарија и Холандија.

Поштенските пратки биле адресирани на различни приматели во Германија. Досегашната истрага покажала дека фалсификуваните документи требало да послужат за пред германските власти да се прикаже привиден легален престој во земјата и во Шенгенскиот простор.

Истрагата во случајот продолжува. Хамбуршката полиција соопшти дека при претресите се уапсени седум лица, на возраст од 19 до 43 години. Едно 29-годишно лице со македонски државјанство е сместено во притворското одделение во основниот суд, се вели во соопштението на полицијата.

Акцијата на германската полиција била координирана со акцијата на полицијата во Македонија, која, како што се вели во соопштението од Хамбург, исто така извршила претреси и уапсила повеќе лица. Вчера, од македонското Министерство за внатрешни работи беше дадена информација дека при продавањето фалсификувани документи главна улога имало друштво регистрирано за трговија и туризам ФБИ, лоцирано во Старата скопска чаршија. Цената на документите наводно се движела од 800 до 1.500 евра. Портпаролот на МВР, Иво Котевски, рече: „Освен во домови и други простории, извршен е претрес и во една фирма во Скопје. Станува збор за друштво регистрирано за туризам и трговија, ФБИ експорт – импорт Арачиново, поради сомневање дека оваа туристичка агенција помагала при вршењето на кривичните дела коишто досега се документирани во текот на акцијата.“ Македонската полиција, како што беше речено, ќе поднесе кривични пријави за злосторничко здружување и фалсификување на исправи.