1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германската опозиција не им верува на анкетите

Дали истражувачите на јавното мислење креираат политика? Како ги прават анкетите? Дали институтите за јавно мислење преферираат одредени партии? Зошто дел од германските политичари не им веруваат?

Пер Штајнбрик, кандидат на СПД, сака да стане канцелар и неуморно демонстрира самоувереност. Тој оптимизам нема поткрепа од испитувачите на јавното мислење. СПД заостанува далеку зад ЦДУ, велат тие. Најдобро е прогнозите да се игнорираат, сметаат во СПД.

„Верувајте ми, не ме интересира оваа веќе секојдневна поплава од анкети. Изборите ќе ги решат гласачите, а не анкетите“ вели Штајнбрик.

Точно, но анкетите имаат моќ, влијаат на предизборната кампања и на дебатата за коалиции во весниците и на телевизиите. Тие ги истоштуваат нервите на политичарите.

А анкетите и бројките од нив се дело на Манфред Гилнер, шеф на институтот „Форса“, Матијас Јунг од Истражувачката група „Избори“ и Рихард Хилмер, шеф на „Инфратест-Димап“.

Во централата на „Инфратест-Димап“ анкетарите, по случаен избор од телефонски именик, ги прашуваат граѓаните. Најзначајно е прашањето - за кого во овој момент би гласале. Време на повик - меѓу 17 и 21 часот.

Richard Hilmer, Geschäftsführer Infratest dimap

Рихард Хилмер

Рихард Хилмер, шеф на „Инфратест-Димап“, вели: „Тогаш го постигнуваме најдобриот пресек на населението. Ако прашуваме во текот на денот, тогаш не би ги имале мислењата на вработените. По правило, пред изборите анкетираме 1.000 лица во пошироката околина и тоа расте како што се доближуваме до изборите“.

Финансиски добростоечките муштерии нарачуваат анкети. Меѓу нив се телевизиите како АРД и ЦДФ, магазини, весници, лоби-групи.

Рихард Хилмер го мери расположението - како што вели, прави моментална слика. Тој не може да го предвиди исходот од изборите.

„Ние постојано укажуваме на тоа дека има уште многу неопределени гласачи и сѐ повеќе избирачи кои се определуваат подоцна. Оттука, вредноста на овие анкети за исходот од изборите, е исто така ограничена“.

Затоа често анкетите и резултатите од изборите се разликуваат. Големиот резултат на ФДП пред четири години речиси воопшто и не беше предвиден од демоскопите. По жестоките критики, испитувачите на јавното мислење оттогаш укажуваат на непредвидливости.

Неопределени и сега има многу - околу 30 проценти. Изборната кампања е здодевна, речиси нема контроверзни теми. Анкетите, кои толку многу ги интересираат политичарите, луѓето само ги нотираат и ништо повеќе.

Prof. Manfred Güllner

Манфред Гилнер

И Манфред Гилнер, шеф на институтот „Форса“ знае дека анкетите речиси и немаат влијание врз однесувањето на гласачите, но, вели, има и исклучоци.

„Има една мала група од гласачи во дилема помеѓу ЦДУ и ФДП, кои размислуваат тактички. Тие гледаат од анкетите дали нивниот глас можеби би бил загубен, ако го дадат за ФДП, а таа партија остане под пет проценти или сепак може да се гласа за неа“.

Дали институтите за јавно мислење преферираат одредени партии? Анкетарите имаат едноставно објаснување зошто СПД во изборната ноќ често проаѓа подобро отколку во анкетите пред тоа.

„Точно е дека ЦДУ веќе, така да се каже, ги загреа своите избирачи. Многумина кои во 2009 година гласаа за ЦДУ, уште отсега кажуваат дека повторно исто ќе гласаат. Тоа не е случај со СПД. Во моментов само околу 60 проценти од нејзините избирачи во 2009 велат - ние гласаме повторно за СПД“, вели Гилнер.

Deutschland Bundestagwahl 2013 Peer Steinbrück im Bundestag

Пер Штајнбрик им верува на гласачите, а не на анкетите

Матијас Јунг од Истражувачката група „Избори“ овојпат ќе објави свежи бројки неколку дена пред гласањето, со што прекршува дологодишен консензус на институтите - десет дена пред избори да нема нови анкети.

„Тоа е резултат на она што го заклучивме од долг временски период - многу избирачи сѐ подоцна се определуваат за кого да гласаат и затоа резултати од анкети од пред десет или петнаесет дена се застарени“, вели Јунг.

Тешки времиња за демоскопите. Веќе ништо не е сигурно. Какви ефекти имаат телевизиски дуели, како последниот меѓу Меркел и Штајнбрик? Веројатно никакви, велат демоскопите. Веројатно на крајот сепак долгорочниот тренд ќе биде решавачки, а тој одамна не е во прилог на СПД, дури и ако Пер Штајнбрик не им верува на овие анкети.