1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германската опозиција ветува двојни државјанства

Граѓаните кои сакаат да добијат германско државјанство мораат да се откажат од своето матично. Постојат исклучоци, но бирократските проблеми им го компликуваат животот на странците. Дали изборите ќе променат нешто?

Германија долго себе не се сметаше за доселеничка земја. Владата на канцеларката Ангела Меркел и натаму го поддржува законот кој не предвидува можност за добивање двојно државјанство. Социјалдемократите и Зелените веќе се обидоа да го модернизираат законот кој датира од 1913 година. Тој обид во 2000. година не вроди со плод, но опозицијата и натаму се обидува да иницира реформи кои на странците треба да им го олеснат патот кон добивањето германско државјанство.

Граѓаните кои ќе стекнат право на германско државјанство требаше да добијат можност да ги задржат двата пасоши. Но Бундесратот (горниот дом на германскиот парламент) во кој тогаш доминираа демохристијаните, го спречија донесувањето на законот. Така дојде до ситуација која само го рашири незадоволството меѓу доселениците, вели Јенс Шнајдер, кој се занимава со истражување на мигрантската политика на Универзитетот во Оснабрик.

„Таа има голема експлозивна сила. Кога ќе отидеме во училишта да ги набљудуваме младите, тогаш гледаме дека меѓу нив постои голем проблем на алиенација. Постојат многу реакции, но многу малку се позитивни“.

Исклучоци

Deutschland Wahlheimat

Плакат од кампања за давање престој на странците во Германија

Многу луѓе доаѓаат од земји кои своите поранешни граѓани не сакаат да ги испишат од државјанството. Покрај Мароко, тука се уште и Сирија, Иран и десетина други земји. Оној кој потекнува од овие земји и сака да земе германско државјанство, во Германија мора да поднесе посебно барање за задржување на државјанството од земјата на потеклото. Дури тогаш овие граѓани можат да добијат и германско државјанство.

Право на двојно државјанство имаат и околу три милиони т.н. „повратници“, т.е. Германци од поранешниот Советски сојуз, децата чии родители се Американци, како и доселениците од земјите-членки на ЕУ. Сите останатите доселеници мора да се одлучат кое државјанство сакаат да го имаат- германско или од земјата на потекло.

Тоа е посебно тешко за децата на мигрантите родени во Германија. Тие до својата 18. година имаат две државјанства, но меѓу 18. и 23. година од животот мора да се одлучат за едно. Доколку го сакаат тоа, тогаш најпрво мора да се испишат од другото државјанство, што може да потрае и до неколку месеци, па и година.

Притисок за државјанството

Сузане Ворбс од германското сојузно биро за миграции и бегалци истакнува дека при тоа мора да се води сметка и за роковите.

Susanne Worbs Bundesamt für Migration und Flüchtlinge

Сузане Ворбс

„Имаме случаи кога барањето за отпуст од државјанство во земјата на потекло се поднесува доцна. Тоа значи дека тие лица се одлучиле за германско државјанство, но не побарале правовремено отпис од другото државјанство. Во тој случај, го губат германското државјанство кога ќе наполнат 23 години. Тие лица потоа се третираат како странци, а тоа значи дека мора да поднесат барање за престој, бидејќи повеќе немаат неограничена дозвола за престој“.

Многу граѓаните од турско потекло родени во Германија се лути поради тоа што под притисок мора да се одлучат за едно државјанство. Имаат големи емоционални проблеми да се испишат од државјанството на земјата од која потекнуваат нивните родители. Стекнуваат впечаток дека на тој начин мора да се откажат од својата култура, татковина и идентитет.

Социјалдемократите и Зелените ветија дека ќе овозможат добивање двојно државјанство доколку победат на парламентарните избори наесен. Нешто слично вети и Партијата на Левицата.