1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германската „кутија со воен алат“ за Сирија

Воен напад на Западот врз режимот на Асад станува сѐ поизвесен. Германската политика е воздржена со изјавите за можно германско учество. Но, можности за тоа има.

САД, Велика Британија и Франција заземаат позиции. Воен напад на Западот против Сирија се чини дека е прашање на време. За Германија се поставува прашањето дали би требало да поддржи воен напад - и со кои средства тоа воопшто би можело да се спроведе.

Реторички германската влада е цврсто на страната на нејзините западни сојузници. Но, досега одбегнува прецизен став. Доколку би се потврдила употреба на хемиско оружје во Сирија, светската заедница би морала да делува, рече министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле. „Тогаш Германија ќе припаѓа кон оние, кои сметаат дека консеквенциите се исправни“.

Досега меѓутоа не е јасно дали и во која форма ќе (ре)агираат Соединетите држави и нивните сојузници. Токму и поради тоа германската влада остава отворено, како би можело да изгледа евентуално германско учество во една воена операција. „Не се произнесуваме по шпекулации за опции“, изјави портпарол на Германското министерство за одбрана. Министерството меѓутоа укажува дека во случаи како во Сирија постојат повеќе воени опции.

Patriot Raketen der Bundeswehr in der Türkei

Патриот ракети на Бундесверот во Турција

Во изминатите 15 години имено имаше различни учества на германската војска во меѓународни интервенции. Во војната во Косово во 1999. година германските борбени авиони „Торнадо“ учествуваа во воздушните напади на НАТО врз цели во Србија. Уште во 1992. година војниците на Бундесверот учествуваа во надгледувањето на зоната за забрана на летови над Босна и Херцеговина со Авакс авионите на НАТО. Во Авганистан од 2002. година се стационирани германски трупи. Во Мали Германија учествуваше со авиони за полнење на керозин на француските борбени џетови.

Директна, индиректна или без поддршка?

Можности за воена поддршка на сојузниците во Германија има - доколку е тоа посакувано - исто и во Сирија. Една од можностите е ставање на располагање на авиони за полнење бензин, слично како во Мали, вели политикологот Себастијан Фејок од Германското друштво за надворешна политика. Освен тоа Германија би можела да ги помага сојузниците со информации од тајните служби и да помогне при идентификација на можни цели во Сирија.

Во Средоземното Море во моментов крстосуваат повеќе бродови на германската морнарица. Бродот „Окер“ (на насловната фотографија) располага со радарска техника и може да го надгледува радио и телефонскиот сообраќај. Овие информации би можеле да им бидат предадени на сојузниците.

Исто така во регионот се наоѓаат германски ракети за противвоздушна одбрана. На желба на турската влада од почетокот на 2013. година на југоистокот на Турција се стационирани германски системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ и речиси 200 војници на Бундесверот. Ракетите го штитат градот Караманмарас, на околу 100 километри од сириската граница, од можен ракетен напад од Сирија. Доколу биде воведена зона за забрана на летови над Сирија, ракетите би можеле да бидат пренесени поблиску до границата.

Доколку дојде до интервенција на НАТО против Сирија би можеле повторно да бидат употребени Авакс авионите со германска посада, за да се надгледува воздушниот простор.

Бундесверот би можел значи да ги поддржува сојузниците при евентуален напад врз Сирија. Дали ќе дојде до него, тоа мора да го одлучи политиката.

Сѐедно во која форма ќе се учествува - германската влада сака јасно да покаже „дека стои на страната на сојузничките партнери“, вели политикологот Себастијан Фејок.

Irak-Krieg: Abfeuern von Marschflugkörper

Сценарио кое е можно и во сирија: американски брод истрела ракета

„Размислувањето е дека не се сака да се биде настрана како при мисијата во Либија“. Во 2011. година Германија предизвика негодување кај западните партнери, кога се воздржа при гласањето за воена интервенција во Либија во Советот за безбедност на ОН.

Дали се посакува германска поддршка?

При сите шпекулации за можно германско учество во евентуален воен напад против Сирија исто така се поставува прашањето, дали германската поддршка западните сили ќе ја сметаат за помош? Или дали таа воопшто е посакувана?

Во моментов многу работи укажуваат дека британските и американските поморски сили за безбедност можат со крстосувачки ракети, стационирани во Средоземното Море да стрелаат врз цели во Сирија. Директно германско учество на пример со „Торнадо“ борбените џетови на воената авијација краткорочно не е можно.

Западните сојузуници и така не очекуваат германско учество, вели Себастијан Брунс од Институтот за безбедносна политика на универзитетот во Кил. Западот меѓутоа од воен апсект не може да се потпре на Германија, со оглед на тоа што оваа земја при гласањето за Либија се воздржа и со тоа загуби многу од својот углед, смета Брунс. „Мислам дека овој став не се промени многу во последните две години. Значи, се очекува да не стои на патот, да не го подига превисоко моралниот прст, а инаку да игра секундарна улога“.