1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германската католичка црква и скандалозниот бискуп

Дебатата околу суштинските последици од раскошното црковно здание во Лимбург, во германската покраина Хесен, што го гради бискупот Тебарц-Ван Елст, допрва почнува.

Еден побожен човек од Црквата предизвика возбуда - Франц-Петер Тебарц-ван Елст, католички бискуп од Лимбург во покраината Хесен.

Во сенка на неговата катедрала, Тебарц-ван Елст гради резиденција. Проектот бил одобрен од диецезата уште пред 53-годишниот бискуп да стапи на должност. Тогаш проценката на трошоците била околу пет милиони евра. Сега одеднаш се преку 31 милион.

И многумина во Германија, како Магдалене Бусман од движењето „Ние сме црквата“, се гневни:

„Тоа ми личи како во времето на доцнежниот Среден век, кога благородниците владееле апсолутистички. Бискупот владеел во својата диецеза и постапувал со парите како диецезата да му припаѓа нему.“

Bischof Franz-Peter Tebartz-van Elst 29.08.2013

Франц-Петер Тебарц-ван Елст

Тебарц-ван Елст е навикнат на критики. Бискупот, во кого беа полагани многу надежи, ги укоруваше либералните свештеници, настапуваше нагласено клерикално, леташе во индиски сламови - со прва класа, што подоцна го негираше, па му се заканува судска казна. Некои го нарекуваат „бискуп лажго“.

На виделина излегоа деталите за проектот, гневот се зголеми. Скапа екстравагантност - бискупот сака најквалитетни работи, изведени по мерка. Само внатрешното уредување на неговиот приватен стан чини речиси половина милион евра. Огромните трошоци тој долго ги криеше дури и од надзорните тела. За таа цел користел и паралелен буџет, покрај официјалниот на диецезата.

Томас Шилер, експерт по црковно право на Универзитетот Минстер, оценува:

„Тоа е тешка злоупотреба на должноста, што трајно го дисквалификува за функцијата бискуп на диецеза. Тој нема да може да ја врши, оти за таа функција е неопходна веродостојност, која е поврзана со транспарентност. И пред се‘, при управувањето со имотот мора да се придржува кон црковно-правните норми.“

Proteste Kostenexplosion Bischofssitz Limburg

Протести пред катедралата во Лимбург

Веродостојноста е одамна загубена. Фрустрираните католици во Лимбург со недели бараа смена на бискупот - расипник, додека Папата Франциско проповеда блискост со сиромашните. Во диецезата се намножија истапувања од црквата, но оние што демонстрираа и’ остануваат верни, во очекување на целосното расчистување на случајот.

Германските бискупи не сакаат меѓусебна критика, некои дури зборуваат за медиумска кампања. Оттука, невообичаен е настапот во Берлин на еден од најважните германски католици. Роберт Цолич, претседавач со Германската бискупска конференција, рече:

„Еден бискуп секогаш мора да размисли колку се големи последиците за јавноста и за неговата функција и како тој ја извршува најважната должност соодветно на општеството. Луѓето можат да дојдат на различни мислења, но јас за себе не можам да си замислам и натаму да живеам со такво нешто.“

Erzbischof Robert Zollitsch in Rom 17.10.2013

Роберт Цолич

По неколку дена беше пренесен и ставот на канцеларката Ангела Меркел за скандалозниот бискуп. Го пренесе Штефен Зајберт, портпарол на владата:

„За секого е видливо дека настана многу тешка ситуацијата, која е голем товар за католичките христијани таму, и за нивната црква.“

Кога канцеларката се јавува за збор, тогаш во спорот во прашање е нешто поголемо - црковните финансии. Оти, црквата не е само душегрижништво. Црквите се најголеми земјопоседници во Германија, најголеми приватни работодавачи, а како обесштетување за експропријации од пред 200 години, од државата добиваат стотици милиони евра годишно. Сега и тоа е предмет на дебата.

Магдалене Бусман од движењето „Ние сме црквата“, оценува:

„Мислам дека треба да се преиспита целиот систем на државно финансирање на црквата во Германија и дека мора да се обелодени сиот имот на црквата.“

Други организации на католички верници, меѓутоа, предупредуваат на опасноста од пребрзо напуштање на системот на црковен данок.

Кристоф Брас, потпретседател на Централниот комитет на германските католици, вели:

„Тоа, според мене, би била мерка донесена во афект. Сиромашна црква да, но мора да размислиме од што би се откажале од доброто што е постигнато во минатото.“

Бискупот мора да си оди, во тоа двете страни се единствени, но дебатата околу суштинските последици од раскошното здание во Лимбург допрва почнува.