1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германската економија се наоѓа во рецесија

Германската влада се надева дека домашното стопанство веќе на пролет ќе почне да се опоравува од рецесијата. Бруто-националниот производ би можел повторно да бележи зголемување во однос на првиот квартал во годинава.

default

Германскиот министер за економија, Михаел Глос

Кон средината на годинава би требало да заврши актуелниот надолен тренд и германското стопанство да почне да излегува од рецесија, изјави денеска во Берлин германскиот министер за економија, Михаел Глос. Дотогаш би требало домашните и меѓународните мерки против опаѓањето на конјунктурата да донесат први резултати. Целата светска економија би требало да ја надмине актуелната криза во 2010 година.

Најтешка рецесија во историјата

Засега, германската влада пресметува рецесија од минус 2,25 проценти. „Уверени сме дека проценката од 2,25% е реална. Потврда за тоа добив денеска и од претседателот на ’Бундесбанката’, Аксел Вебер“, нагласи Глос и додаде: „За оваа стопанска рецесија, што, за жал, мораме да ја прогнозираме, нема пример во досегашната повоена историја на Германија. Тоа е најголемата економска рецесија во поновата историја“.

Kabinettssitzung Berlin Glos und Axel Weber

Михаел Глос со претседателот на Бундесбанката, Аксел Вебер

Надолниот тренд на стопанството ќе предизвика и покачување на бројот невработени за околу половина милион, оцени министерот за економија, Михаел Глос. Но, и на тоа поле опоравување треба да се очекува во текот на 2010 година.

Сепак оптимизам

Оптимизмот во прогнозите за опоравување на германското, но и на светското стопанство веќе во 2010 година се потпира врз неколку фактори: „Имаме значително намалени цени на нафтата, тоа би требало да ја стабилизира општата потрошувачка. Германската индустрија си ги заврши домашните задачи, иако не беше виновна за кризата. Таа е подготвена, кога другите региони во светот повторно ќе се опорават, пак да работи со полна пареа. Поволно е уште тоа што курсевите на еврото се ниски, а дотогаш би требало да влијаат и двата конјунктурни пакета на владата во Берлин“, оценува главниот експерт на Германската индустриска и трговска комора, Фолкер Трајер.