1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германската економија во 2003

Германското стопанство ја заврши 2003 со две различни полугодија. Пролетта, поради извесноста на ирачката војна, владееја несигурност и песимизам, слаба потрошувачка и инвестиции. Не може да се каже дека во второто полугодие по војната во Ирак ситуацијата нешто се подобри, но се зголемуваат знаците за тоа. Пред се, на берзата се покажа полет па многумина се надеваат дека најлошото е минато.
"2003 за Германија мора да биде година на решавачки економски и финансиски пресврт. Најважната задача на економската и финансиската политика е да се засили динамиката на пораст на економијата, да се постигне повисоко ниво кое ќе обезбеди и повеќе работни места". Ова го изјави сојузниот министер за стопанство Волфганг Клемент во јануари кога го претстави годишниот економски извештај на сојузната влада. Германската економија остави зад себе две години стагнација па Клемент веруваше дека најлошто е минато. Значи, најмалку 1 процент пораст во 2003.
Германија сепак не е остров. Она што со месеци го сопираше светското стопанство беа настаните во квечерината на војната во Ирак, па тоа во пролетта 2003 со ништо не се разликуваше и во Германија. Извесноста дека ќе дојде до војна против режимот на Садам Хусеин, предизвика исчекување што доведе од запирање на инвестициите. И бизнисмените се само луѓе: кога ќе видат дека потрошувачите се воздржжани и штедат, тогаш и тие ги сопираат инвестиционите планови:

"Кај инвеститорите се шири тивка несигурност за што придонесува и непостојаноста на светската економија. Плановите за вработувања повторно станаа сиви. Потрошувачката ја спречуваа покачувањето на невработеноста и грижата за работните места". Вака во февруари ја проценуваше ситуацијата Мартин Ванзелебен, шеф на германската комора за индустрија и трговија. Таа проценка беше далеку пореалистична од онаа во која веруваше министерот за стопанство. Во првата половина на годината стагнираа побарувањата дома, се намалуваа инвестиците, растеше бројот невработени, а и извозот - моќта на Германија - во првите два квартала бележеше негативни бројки.
Затоа не беше никакво чудо што јавните финансии уште рано-рано дојдоа под огромен притисок, посебно издатоците за невработеноста. А кога боледува стопанството, опаѓааат и приходите од даноците. Тоа не укажуваше на ништо добро за новите јавни задолжувања кои во 2003 требаше да паднат под 3 насто од националниот бруто-производ како што предвидуваат мастришките критериуми:

"Министрите за финансии, јавните буџети на сојузот, покраините и општините, со оглед на прогнозата, уште еднаш нема да ги исполнат критериумите од Мастрихт. Тоа е лошо за довербата дома, подеднакво како што е лошо и за Европа", предупреди Мартин Ванслебен. "Економските последици на една војна, секако и на оваа, не можат да се калкулираат"... велеше министерот Клемент за да објасни можно неисполнување на критериумите на Мастрихт:

"Во таков случај е битно ако дојде до таква ситуација на пробивање на пактот за стабилност, да се координираат можните реакции и да се искористат, ако е можно, да не се загуби довербата во тој пакт, со што нема да се загрози и европската монетарна политика".
На опозицијата и беше јасно дека владата уште еднаш ќе го прекрши критериумот за дефицитот:

"Сметам на тоа дека ние и во 2003 не само што уште еднаш ќе го прекршиме тој критериум, туку ќе бидеме и многу над дозволените 60 насто на вкупниот долг. Значи, постојат сите претпоставки да ги повредиме обата критериума од Мастрихт", прогнозираше Фридрих Мерц од опозиционата ЦДУ.
Така и се случи - Германија ги префрли границите и само преку компромис можеше да ја одложи постапката на санкции, што за многумина посматрачи претставуваше крај на европскиот пакт за стабилност и растеж. Министерот за финансии Ханс Ајхел сепак повеќе сака зголемени долгови отколку да биде загрозено заздравувањето на конјунктурата:

"При толку слаб пораст не смее дополнително да се штеди. А ако се заштеди во буџетот што ќе обезбеди пари, тогаш тие мораат да бидат ангажирани во инвестиции. Значи, во времиња на слаб растеж не смее да се штеди, мораат да се прифатат дефицитите, но тогаш, во период на поголем растеж, пожестоко да се консилидираат што пак во Германија никогаш не беше направено".
Меѓутоа, не можеше се да биде префрлено на адреса на развојот на светското стопанство. Многу проблеми беа од домашна природа. Пазарот за работа замрзнат, бирократијата спречуваше брзи решенија, социјалните систем пукаа на сите шафови. Германија има структурални дефицити, како што коментира Мартин Ванзелбен: "Не е доволно само да се мудрува на неделни дебати. Мораат да се направат реформи и тоа веднаш. Нашата теза е дека населението премногу чека на спроведување на реформите, отколку што политиката верува во нив". На 14 март, сојузниот канцелар Герхард Шредер најави широк реформски пакет што го именува како "Агенда 2010".

"Нашата земја повторно мора да стане центар на сигурноста во Европа. Проблемите пред кои се наоѓаме денес не се појавија од вчера. Не сите решенија за кои сега дискутираме, можат уште утре да донесат резултат. Но, јас сум решен веќе да не дозволувам проблемите да бидат одлагани затоа што се чини дека се нерешливи". Владата предвиде реформи на здравството, финансирањето на општините и на пазарот за работа. Последново беше преголем залак за да можат да го проголтаат големи делови на социјалдемократите и особено на синдикатите. Протестите изостанаа, дури и синдикатите се однесуваа смирено. Еден од нив, се уште најголемиот, и самиот се најде во криза. ИГ Метал се обиде во Источниот дел на земјата да издејствува скратување на работната недела на 35 часа, како во западниот дел. Но, штрајкот не успеа, па тогашниот шеф на овој синдикат Клаус Цвикел мораше да признае:

"Постои несогласност и затоа ќе препорачам завршување на штрајкот. Горчлива вистина е дека всушност штрајкот во Берлин, Бранденбург и Саксонија не успеа". Во секој случај протестите на синдикатите против социјаланите скусувања останаа во граници. А за да не се спроведе во целост "Агендата 2010" се погрижи и опозицијата која со своето мнозинство во Бундесратот ги стопираше законите еден по еден, па мораше сето тоа да се најде во одборот за посредување. Стопанството вака гледа на целиот пакет:

"Агендата 2010 за фирмите очигледно не е сигнал за пробив што би бил неопходен за промена во конјунктурата и вработувањето. Многу повеќе владеат страхувања дека и добрите намери во агендата ќе бидат сомлени во камењата на политичките сили".
Со големи напори на сите страни во дебатата, сепак кон средината на декември, Бундестагот и Будесратот се согласија со повлекувањето на даночната реформа за една година порано - од 1 јануари 2004, како и со реформите на пазарот за работа кои, покрај другото, за оние што подолго чекаат работа, предвидуваат обврска да се прифати понуденото или ќе се загуби социјалната помош. Во германската јавност мнозинсвото го поздрави компромисот меѓу владата и опозицијата. 2003-тата за германското стопанство беше година на созревање. Се на се, негативните сигнали од пролетта и тенденциите на пораст во второто полугодие обезбедија една црна нула, а надежите се насочени кон 2004 според мотото - едноставно може да биде само подобро.