1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германската влада ќе ја претставува слепа ополномоштеничка

Германската влада презема револуционерен чекор со именувањето на Верена Бентеле за ополномоштеник. Оваа врвна спортистка освои бројни медали на Параолимписките игри и други светски натпреварувања.

„Највозбудливите предизвици доаѓаат тогаш кога повеќе не ги очекувам“, вели Верена Бентеле (на фотографијата горе). Кога министерката за труд и социјална политика, Андреа Налес и понуди да ја преземе функцијата ополномоштеник на владата за лица со посебни потреби, таа најпрво мораше добро да размисли.

Верена Бентеле во февруари ќе наполни 32 години. Досега постигна многу. Оваа жена која е слепа од раѓање, е најуспешната германска спортистка со инвалидитет на сите времиња. Во биатлон и во скијачко трчање освои 12 златни медали на Параолимписките игри и четири пати злато на светските првенства. Меѓутоа, новата задача која сега треба да ја извршува не е помалку важна.

Личното искуство ќе помогне

Како ополномоштеник на владата таа ќе треба да води сметка за тоа дали се почитуваат правата на лицата со посебни потреби. Иако се работи за функција за која е потребно поголемо политичко искуство, Бентеле наоѓа поддршка меѓу водечките политичари во земјата. „Една така успешна спортистка морала да употреби голема доза енергија, дисциплина и одлучност, инаку не би успеала“, вели потпретседателката на германскиот парламент, Ула Шмит, инаку сопартијка на Бентеле од редовите на социјалдемократите.

Behindertensport Jugendliche Inklusion

Во Германија децата со посебни потреби се ангажираат во специјални спортски клубови

Шмит смета дека Бентеле е лично упатена во дискусиите за тоа како да се подобри инклузијата на лицата со посебни потреби и таа да се примени уште во градинките и училиштата.

Особено инклузијата, која е составен дел од коалицискиот договор на новата влада, е еден од најважните задачи на новата ополномоштеничка.

Но, постојат и критички гласови. Кармен Кор работи во клубот Алекс во кој на лицата со посебни потреби им се нудат рекреативни активности. „Инклузијата стана речиси погрден збор. Во моментов имаме чувство дека сакаат да не вклучат насекаде. Владата воопшто не размислува дали инклузијата понекогаш има смисол. На пример, во училиштата не треба да се инсистира секое дете со инвалидитет да учествува во редовната настава. Треба да се понудат обете можности- специјални училишта и инклузија во редовната настава“, вели Кор.

Но, без оглед на дебатата, реакцијата по именувањето на Бентеле се позитивни. „Некој кој и самиот е инвалид, подобро може да ги разбере луѓето кои го имаат истиот проблем“, вели Кор. И политичарката Ула Шмит се надева дека Верена Бентеле ќе помогне побрзо да се тргнат пречките кон луѓето со посебни потреби.