1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германската влада ја правда зделката со подморници со Израел

Според магазинит „Шпигел“, Израел ги опремил подморниците со атомско оружје.

Германската влада смета дека испорачувањето подморници на Израел претставува континуитет во постапките на претходните влади, изјави владиниот портпарол Штефен Зајберт. Германската канцеларка Ангела Меркел, како и нејзините претходници, повеќепати ја повтори посебната одговорност на Германија во однос на безбедноста на Израел. Испорачаните подморници не биле опремени со оружје, истакна Зајберт, а владата не сака да учествува во шпекулации околу нивното подоцнежно вооружување. Претходно, магазинот „Шпигел“ извести дека Израел од Германија добиените подморници, во голем дел финансирани од германската влада, ги опремува со атомско оружје. Според „Шпигел“, израелската морнарица има веќе три подморници од моделот „Долфин“, три треба да бидат испорачани дополнително до 2017-та година. Освен тоа, Израел размислува за порачка на три воени бродови во Германија.

„Шпигел“ во извештајот го цитира израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак со зборовите: „Германците можат да бидат горди што за многу години ја обезбедуваат егзистенцијата на Израел“. Барак не сакаше да ја коментира испораката на подморниците. Во меѓународната политика јавна тајна е дека Израел располага со атомско оружје, иако владата тоа не го потврдува, ниту го демантира. Реномираниот стокхолмски Институт за истражување на мирот, СИПРИ, во најновиот извештај за вооружувањето и разоружувањето во 2012-та година пишува дека Израел располага со 80 атомски боеви глави.