1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германската влада ги одобри буџетот за 2006-та и финансискиот план до 2009-та година

Поради изборите за Бундестагот есента 2005, буџетот е усвоен девет месеци подоцна отколку што инаку е вообичаено

Пер Штајнбрик

Пер Штајнбрик

Далеку најголема поединечна ставка, со планирани 119,5 милијарди евра, се издатоците на ресорот за труд и социјала, потоа следуваат давачките за камати и ануитети на долговите на федерацијата во износ од 39,4 милијарди. Севкупно федерацијата годинава ќе потроши 262 милијарди, а планира приходи од само 224 милијарди. Разликата од 38 милијарди министерот за финансии Пер Штајнбрик планира да ја покрие со ново задолжување.

Нема простор за натамошно штедење, вели Штајнбрик и образложува: „Сакам буџетот за 2006-та да биде подржувачки за конјунктурата, како на страната на приходите, исто така и кај расходите. Знам дека други имаат поинаква оцена за тоа, и научниците и медиумите исто така. Ним има ја спротивставувам мојата и оценката на сојузната влада. Тоа значи дека нема ништо да кратиме надвор од она што овде го поднесовме“.

Големата коалиција се задолжува повеќе отколку што тоа било кога го направи претходната црвено-зелена коалиција и повеќе отколку што дозволуваат Уставот и Мастришкиот договор. Но, тоа не е ништо ново – веќе пет години буџетскиот дефицит е над горната граница од 3 насто од внатрешниот брутонационален производ, утврдена со европскиот пакт за стабилност; дури годинава ќе испадне помал од очекуваното: „Мастришкиот критериум е прекршен, да, но со 3,3 насто, а не како можни сметаните 3,9 проценти“ – вели Пер Штајнбрик.

Ова конечно треба да се промени наредната година - владата сака буџетскиот дефицит да го сведе на доста под три проценти. Во таа функција е и придружниот закон, исто така вчера усвоен од владата. Во него министерот за финансии планира од 1-ви јануари 2007-ма година најголемо зголемување на даночната стапка во повоената историја и кратење на издатоците, што до 2009-та година треба да ги растовари државните каси за вкупно 117 милијарди евра. Зголемувањето на данокот на додадена вредност и на даноците за осигурувањата од сегашните 16 на 19 насто треба наредната година да донесе 20, а подоцна дури 23 милијарди евра во државната каса. Кај трошоците е предвидено до 2008-ма година комплетно да се укине субвенцијата за законското здравствено осигурување, која сега изнесува 4,2 милијарди евра. Постепено ќе биде намалувано субвенционирањето на пензиското осигурување, како и на локалниот сообраќај.

Гезине Леч, претставник за буџетска политика на фракцијата на Левичарската партија во Бундестагот ги критикуваше кратењата како несоцијални. Согласност со финансиските планови на министерот Штајнбрук, пак, искажа претседателот на Здружението на германската индустрија Јирген Туман. Тој го оцени буџетот како реален, шансите за среднорочно планирање за буџетска консолидација како поставени врз добра основа, но вели дека за стопанството е драматично што новото задолжување повторно е далеку повисоко од инвестициите.