1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германската Влада во борба против ефтината работна рака од странство

Раководството на германската владеачката партија има намера и понатаму да ги брани придобивките на социјалната држава.

Ефтина работна сила за одржување на зградите

Ефтина работна сила за одржување на зградите

Вработените мора да бидат заштитени од несигурност и хировите на претприемачите, поради што се неопходни правила и социјална рамка за пазарот – се вели во пораката на раководството на СПД по повод први мај. Владата пак вчера донесе одлука за почнување законска процедура за воведување минималец во сите бранши, со што германските претпријатија ќе се заштитат од дампингот на странските.

До сега вакви законски прописи имаше само за градежната бранша. Странските претпријатија кои со свои работници извршуваат одредени услуги во Германија беа обврзани да ги почитуваат основните работни услови, како што се пропишана долна граница за надница по час, определен број денови за одмор итн. Од сега овие принципи ќе можат да се применуваат и на сите други бранши, со што домашните претпријатија ќе се заштитат од дампинг цените за услуги на странски фирми, кои базираат на поефитната работна рака од нивните земји.

„Мислам дека најдовме добар пат за да го спречиме уништувањето на одговорните германски претпријатија, кои овде редовно плаќаат данок и други социјални давачки„ – посочи по седницата на владата, канцеларот Герхард Шредер.

Поддршка за владината одлука дојде секако и од редовите на синдикатите, но затоа опозицијата одреагира со остра критика.

„Ова ќе значи воведување законски минималец на мала врата. Со тоа пазарот на работна сила ќе биде уште повеќе бетониран, наместо да стане пофлексибилен. На тој начин ќе останат без работа уште поголем број германски работници со ниска квалификација и продуктивност„ – нагласи Роналд Пофала од парламентарната група на опозиционите ЦДУ/ЦСУ. Опозицијата исто така се закани дека ќе го минира законскиот предлог во Бундесратот, Домот на покраините, каде што располага со мнозинство гласови.