1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германската бродоградба четврта во светот

Бродоградбата во Германија се наоѓа пред големи искушенија. Таа се котира меѓу најдобрите во светот, но е изложена на силна и многу енергична конкуренција – порача канцеларката Ангела Меркел на 5-та национална конференција на претставниците од оваа бранша што се одржа во Хамбург.

Бродоградилиштето во Визмар

Бродоградилиштето во Визмар

Со инвестиции тешки повеќе милијарди евра германската влада ќе го поддржи подемот на бродоградбата. Само во изградба на инфраструктурни проекти за подобро поврзување на пристаништата и бродоградилиштата со внатрешноста на земјата владата ќе инвестира 2,2 милијарди. Освен тоа за вкупно 90 крупни проекти на браншата владата ќе обезбеди забрзана постапка на одобрување. Со вакви цврсти аргументи, а не со празни ветувања им се обрати канцеларката Ангела Меркел на 1000-та учесници на националната конференција во Хамбург. Таа посочи дека исто како и нејзиниот претходник Герхард Шредер високо ја цени улогата што оваа бранша ја игра во вкупната слика на германското стопанство. Таа обезбедува 500.000 работни места и тоа не само на крајбрежјето на северот од земјата, туку и на југот, каде се сместени поголем број фирми лиферанти.

Браншата е во силен подем, бидејќи е еден од добитниците на процесот на глобализација на светското стопанство. На пример, транспортот на контејнери доживува двоцифрени стапки на пораст. А и на полето на градењето бродови Германија се наоѓа на четврто место во светот по Кореја, Јапонија и Кина. Канцеларката Меркел им порача на делегатите на конференцијата да не се ограничуваат на старите сигурни сектори, туку да вложуваат во иновативни технологии, како на пример искористувањето на енергетскиот потенцијал на морето. Ова подрачје ќе добива се‘ поголемо значење со оглед на постепеното исцрпување на класичните видови енергенски како јагленот, нафтата и земниот гас.

“Ви ветувам дека владата, и во својство на претседавач со ЕУ од почетокот на наредната година, и како претседавач со Групата Г8, но и на национално ниво секогаш ќе биде отворена за потребите на вашата бранша, бидејќи во неа гледаме бранша со засилен стопански пораст, бранша што обезбедува работни места, бранша со иднина и придонес за модерна Германија.“

На конференцијата во Хамбрг учествуваше и евро-комесарот за риболов и поморство Јое Борг, кој изрази увереност дека оваа бранша ќе добие клучна улога во Европа, на пример во енергетскиот сектор. Но, и на полето на заштитата на човековата околина и промените на климата, таа може да има важна улога:

“Кој ги набљудува океаните може уште денес да види дека од она што се случува со нашата планета прво ќе бидат погодени крајбрежните предели, на пример кога ќе се покачи нивото на морињата поради затоплувањето на климата.“

Конечно, градоначалникот на Хамбург, Оле фон Бојст, вети дека ќе стори се‘ за спроведување на проектите за продлабочување на сливовите на реките, така што во пристаништата во Бремерхафен и Хамбург ќе може да пристануваат и најголемите супертанкери.