1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германките сакаат историски романи

На германскиот книжевен пазар има наслови кои се продаваат речиси сами од себе, без скапи рекламни кампањи и медиумска помпа. Не станува збор за готвачи, водичи за туристи или книги со совети, туку за историските романи.

default

Многу од овие книги никогаш не се појавуваат на бестселер листите. Литературните критичари честотпати не знаат ништо за нивните автори, но историските романи се продаваат во впечатливо големи тиражи:

„Тоа се движи и до повеќе десетици илјади, а кај некои книги и повеќе стотици илјади. Тогаш тоа е бестселер“ , вели Силвија Кутни Валзер од издавачката куча Бианвелет, која веќе со години засилено издава историски романи. Особено добро се продаваат книгите на писателките Улрике Швајкерт, Андреа Шахт и Дагмар Тодлер. Само Тодлер продава по околу половина милион примероци од книга.

„Дагмар Тодлер е многу, многу интересна личност. Таа пишува прекрасни, многу драматични романи кои не се ’слатки’. Значи тоа не е среден век на рицари и трубадури, туку среден век кој е многу мрачен, добро обмислен и дофатлив.“

Интелектуалките читаат историски приказни

Buchhandlung Hugendubel in Berlin

Во богатата понуда во германските продавници најомилени се историските романи

Дејството на новата книга на Дагмар Тодлер е сместено во 11 век и говори за опасното патување на кое младата протагонистка станува исцелителка. Се разбира, романот е проткаен и со љубовни елементи , бидејќи читателите на историските романи, станува збор главно за жени, го сакаат тоа.

„Станува збор за интелектуалки меѓу 30 и 50 годишна возраст“, вели Рихард Дибел, автор на повеќе историски романи. Меѓутоа, тој сака да ја заинтересира машката читателска публика и поради тоа во своите романи внесува и други елементи:

„Кон овие емоционални теми, како и кон женските судбини кои се наменети за женската читателска публика, едноставно да се придодадат и машки судбини. Мажите да не бидат претставени само како придружници за жените, туку како вистински херои на приказната.“

Старото добро време

Поголемиот број историски романи, со своите најчесто преку 1000 страници, претставуваат вистинско уживање за читателите. Дејството на тие романи се случува во најголем дел во средниот век, зашто таа епоха е омилена меѓу читателите. Марлене Микшел, лекторка за историски романи во издавачката куќа „Пипер“ нагласува:

„Тоа е старото добро време во кое се’ уште не се има случено индустријализацијата. Тоа време е толку далечно и има толку мрачни поглавја, што остава многу простор за приказни.“

Со оглед дека читателите на историски романи покрај потребата за забава, сакаат и да се образуваат, за писателите е многу важно прецизно да го истражат времето кое го опишуваат во нивните романи.

Автор: Силке Бартлик / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска