1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германка на брод со бегалци од Тунис

Во туниски брод полн со бегалци, на островот Лампедуза вчера пристигна и една учителка од Германија со деветгодишната ќерка. Тие избегале од поранешниот сопруг и татко, по потекло од Тунис.

default

Со пристигањето на тунискиот рибарски брод во Лампедуза ноќта меѓу понеделникот и вторникот заврши повеќегодишната трагедија на 39-годишната Германка од Дизелдорф. Последниот чин во семејната драма почна 24 часа претходно на брегот на Средоземното море.

„На почетокот кога ги видов бродовите, ми се сврте во главата, бидејќи се навистина стари и ислужени. Ние имавме среќа, па добивме место во подобар. По пат еден од трите брода што пловеа заедно се расипа и почна да тоне, но тоа беше веќе при крајот на патувањето пред брегот на Италија, каде не’ придружуваше италијанската полиција“, раскажува Тина Роткам.

Од одмор до семејна драма

Нејзината животна приказна почнува со туристичко патување во Тунис пред 11 години. Таму запознава млад лекар по потекло од Тунис, се вљубува во него и наскоро раѓа и дете. Но, нејзиниот сопруг по кусо време се менува: „Ме тепаше, ме заклучуваше дома, бев комплетно изолирана. На крајот сепак успеав да се извлечам со ќерка ми.“

Italien Lampedusa Flüchtling Schiff Küste 13.02.2011

Тина Роткам успеала да се извлече од домот што станал затвор, но не и од земјата. Нејзиниот поранешен сопруг успешно го блокирал секој нејзин обид да замине со ќерката од Тунис. „Резервираме карти и отидовме на аеродром, сосема нормално, но не можевме да заминеме. Поранешниот сопруг имаше така добри врски со властите, што не можевме да излеземе од земјата, иако и тунискиот закон беше на моја страна.“

Знак на судбината

Бранот демонстрации во Тунис бил судбински знак за Тина Роткам. Таа сакала прво да пребега преку Либија, но состојбата и таму се влошила, така што не и’ останал друг излез освен да се обиде преку бегалските бродови за Лапмедуза. Со оглед на тоа што префрлањето на бегалците стана вносен бизнис, ни за неа не бил голем проблем да најде некој посредник.

Flüchtlinge brechen aus Lager auf Lampedusa aus

Поради тешките услови веќе имаше и протести на бегалците во кампот на Лампедуза

Цената на услугата била 1.000 евра по патник. По чекањето од неколку дена, таа добила повик и потоа се’ се одвивало многу брзо. Организаторите на нелегалниот превоз ги собрале во една куќа на брегот каде причекале додека дојдат бродовите. Потоа дошло најстрашното: „Немаше речиси ништо за јадење, а немаше ниту еден тоалет. Кога ќе се најдете цели 24 часа во преполн брод без тоалет, тоа е сепак под човечкото достоинство. Но, ако немате друг избор, тогаш се решавате и на таков чекор!“

Тина Роткам во меѓувреме веќе ја напушти Лампедуза и е на пат кон татковината, заедно со деветгодишната ќерка.

Автор: Тилман Клајнјунг/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска