1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Германка киднапирана во Ирак

По киднапирањето на германската државјанка во Ирак, во моментов во Берлин се одржува вонредна седница на владата под раководство на канцеларката Ангела Меркел.

Исечок од видео снимката на грабнувачите

Исечок од видео снимката на грабнувачите

Министерството за надворешни работи формира Кризен штаб, што се обидува да најде соодветни посредници и да стапи во контакт со грабнувачите.

Според достапните информации, до сега германската влада не располага со веродостојни податоци за грабнувачите и нивните мотиви. Исто така не е вопоставен ни контакт, така што не постои можност за посредување и преговори околу судбината на 43-годишната Германка Сузане Остхоф и нејзиниот возач, кои биле киднапирани уште во петокот. Портпарол на Министерството за надворешни работи потврди дека на двајцата им се губи трага уште од петокот. Вчера пак еден курир достави видео касета во дописништвото на Германската Радио и Телевизија во Багдад. На неа се гледаат двајцата заложници со врзани очи како лежат на земја и тројца маскирани чувари. Видео лентата содржи и порака на киднаперите, во која се бара германската влада да ги прекине сите контакти со ирачката влада. Во спротивно заложниците ќе бидат застрелани. Гласот што ја чита пораката меѓу другото ја обвинува германската граѓанка за кражба на антиквитети, што е уште една потврда за нејзиниот идентитет.

Сузане Остхоф имено е археолог по професија и требаше во декември да учествува меѓу другото во ископувањата околу локацијата на древниот град Вавилон јужно од Багдад. Станува збор за заеднички проект на германската и ирачката влада. Германија инаку има малку контакти со Ирак: тука е обуката на ирачки полицајци, но надвор од територијата на Ирак; потоа скромни економски контакти и соработката на културен план, во што спаѓаат и археолошките ископувања. Дотолку барањето на киднаперите за потполн прекин на односите на официјален Берлин со актуелната ирачка влада е малку разбирливо. Германија исто така беше против војната во Ирак што ја поведе американскиот претседател Џорџ Буш.

Заменик претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Ханс Улрих Клозе, побара од владата да ги отфрли барањата на киднаперите:

„Мора да им се стави на занење дека има барања што се неприфатливи, имено токму тие што се сега во прашање. И би требало да се види кој е вистинскиот мотив за грабнувањето, што се крие зад барањата.„

Што се однесува до активностите на владата околу киднапирањето, Клозе оцени:

„Таа реагира разумно. Создаде кризен штаб и не шпекулира во јавноста, што во вакви случаи ионака не е од полза. Но, сметам дека таа ќе ги искористи сите врски, како сопствените, така и на пријателските земји, за да ја доведе заложничката драма до среќен исход.„

Во меѓувреме мајката на Сузане Остхоф изјави дека се надева оти германската влада ќе стори се‘ за да ја спаси нејзината ќерка. Таа не ја видела веќе пет години, бидејќи е мажена за Арап. Таа ја прифатила муслиманската религија и течно зборува арапски. Сузане Остхоф веќе 10 години живее и работи во Ирак и меѓу другото организирала повеќе хуманитарни пратки за ирачкото население.