1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германијо, каде со долговите?

Со државниот долг и Германија има проблем. Севкупно, долгот на федерацијата, покраините и општините изнесува повеќе од 1,7 билиони, односно 1.700 милијарди евра. Но, сепак, далеку е подобро отколку во многу други земји.

default

Според општото економско сфаќање, и Германија смее да прави долгови. Тоа има смисла се’ додека така се финансираат инвестициите, на пример во инфраструктура или во образование. Оти, од тие инвестиции се постигнува добивка: добрата инфраструктура прави земјата да биде поатрактивна за стопанисување, поттикнува инвестирање, на долг рок носи поголеми даночни приходи. Добар образовен систем, пак, на луѓето им овозможува да дојдат до подобро платени работни места, што истовремено значи и поголеми приходи на државата од данок. Значи, бесмислена е омилената теза на политичарите дека правењето долгови било префрлување на товарот врз наредните генерации, оти и тие непосредно ќе профитираат од инвестициите на државата. Се разбира, од родителите ќе го наследат и долгот на државата со умерена камата.

Може дури и да се бара во одредени ситуации државата со кредитирање да финансира, освен инвестициски, и издатоци за потрошувачка. На пример, во време на рецесија, за да се компензира опаѓањето на приватната побарувачка. Претпоставка за ова е државата таквите

Symbolbild Neuverschuldung

Би било убаво ако планината долгови не стане поголема

долгови веднаш да ги подмири, штом ќе дојде до стопански подем и до пораст на даночните приходи. Но, од 1957 година во Германија практично ниту еден политичар не се придржува кон ова.

Причината лежи во цврсто вградената системска грешка

Уставот дозволува поголемо задолжување само за „одбрана од нарушување на севкупната економска рамнотежа“. Со оглед на тоа дека никогаш не владеат истовремено целосна вработеност, надворешно-трговска рамнотежа и стабилно ниво на цените, севкупната економска рамнотежа е секогаш нарушена, што е како покана за незауздано правење долгови.

Покрај ова, кога се постави прашањето како да се финансира германското обединување, политичарите покажаа забележителна фантазија во изнаоѓањето буџети во сенка - израз со негативен призвук, поради што на сојузно ниво се етаблира поимот „фонд за посебни намени“, иако секако би била поточна ознаката „посебни долгови“. Таквиот фонд на федерацијата служи за финансирање на посебни трошоци: на пример, за поддршка на средните и семејни претпријатија и на семејствата, за финансирање на стари долгови или како неодамна, за спасување на банките и за финансирање на конјуктурните пакети против кризата. Една работа им е заедничка: сите тие се надвор од парламентарна контрола и воопшто не се регистрираат кај новото задолжување.

Но, наскоро треба да и’ дојде крајот на таа системска грешка. Од 2011 година стапува во сила кочницата на задолжувањето, утврдена во уставот. Таа предвидува федерацијата од 2016 година во нормални времиња да смее да зема нови кредити во обем од 0,35 проценти од домашниот бруто производ. Тоа во моментов би биле околу девет милијарди евра. За да се постигне таа цел, владата мора од наредната година континуирано да го намалува новото задолжување. Што треба да се случи со планината од 1,7 билиони евра, долгови натрупани во последните 50 години, никој не знае. Би било убаво ако таа планина не стане уште поголема.

Автор: Ролф Венкел / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска