1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија- Eлдорадо за трговијата со луѓе?

ЕУ сака активно и консеквентно да дејствува против трговијата со луѓе: подобра заштита за жртвите, поостри казни за трговците на луѓе. Но една земја е притоа воздржана - Германија.

Инаку по правило секогаш главно Германија е таа која бара придржување кон законските прописи. Но сега изгледа дека примерниот ученик ни сам повеќе не се придржува кон правилата - како на пример кога е во прашање борбата против трговија со луѓе. УНИЦЕФ и организацијата за заштита на деца од сексуално искористување ЕЦПАТ го критикуваат спорот и недоволната примена на ЕУ дирeктивата за сузбивање на трговијата со луѓе.

Таа директива, која вo сила стапи пред 2 години, бара од земјите-членки делотворно да ги гонат и поостро да ги казнуваат трговците со луѓе, а притоа жртвите да се заштитат подобро. Рокот за пренесување на директивата во националниот закон истече на 5. април 2013 година, а Германија се' уште тоа не го сторила.

Критика на германските власти

Hans-Peter Uhl CSU

Ханс Петер Ул, пратеник на Христијанско - социјалната унија (ЦСУ) во Бундестагот

Во моментов во Германија затоа жестоко се расправа за примената на таа ЕУ директива. „Предлог законот на Сојузното министерство за правда предвидува примена на директивата еден спрема еден“, наведува портпаролот на министерството. Но портпаролот за внатрешна политика на фракцијата на владејачките партии на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во Бундестагот Ханс-Петер Ул не верува дека е така: „Министерството за правда, кое го водат коалициските партнери -либералите, планира само да ги прошири веќе постоечките казнени мерки за случаите на трговија со луѓе со цел просење и на пример ситните кражби и трговијата со органи.“ Тоа според овој пратеник во Бундестагот меѓутоа не е доволно, бидејќи со предлогот, наведува тој, не се предвидува потребно проширување на казнениот закон во случај на трговија со луѓе со цел сексуално искористување.

И невладините организации ја критикуваат недоволната острина на казнените мерки. „Кога некој една малолетничка, на пример од Романија, ја доведе во Германија и ја присили на проституција, тогаш тоа се казнува во согласност со мерките пропишани за сексуално злоставување и искористување, но не и со оние за трговија со луѓе. А ова другото, според германскиот закон, се казнува поостро“, кажува Руди Тарнеден, портпаролот на УНИЦЕФ за Германија.

На некој трговец со луѓе да му се изрече пресуда поради присилна проституција е тешко или речиси невозможно во Германија, истакнува Ханс-Петер Ул. Причината за тоа е дека според важечкиот закон, товарот на обезбедување докази паѓа на жртвата. Погодените жртви меѓутоа често не даваат искази - поради страв. „И кога некоја жртва дури во последниот момент даде исказ, сепак го повлекува, бидејќи ја уценуваат“, појаснува Ул.

Малолетнички од источна Европа се присилуваат на проституција

Според проценките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), трговците со луѓе секоја година во западна Европа доведуваат помеѓу 120.000 и 500.000 жени од средна и источна Европа и ги присилуваат на проституција. Многу од нив се малолетнички.

А децата се под посебна заштита: „Ним им е потребна поголема заштита отколку на возрасните и поради тоа се во поголема опасност да станат жртви на трговија со луѓе“, се наведува во ЕУ директивата. Но токму во Германија на тие жртви им се пружа мала поддршка. „Се работи за млади, кои се доведуваат во Германија и се присилуваат на проституција и други работи. Кога ќе бидат уапсени, тогаш во преден план не стои дека се жртви на едно казнено дело, туку дека самите сториле казнено дело, илегално престојувале во една земја“, кажува Тарнеден од УНИЦЕФ.

Rudi Tarneden Pressesprecher Deutsches Komitee UNICEF

Руди Тарнеден, портпарол на германската секција на УНИЦЕФ

Можни причини за одложување на спроведувањето

Само може да се шпекулира за тоа зошто Германија го одложува спроведувањето на ЕУ директивата, вели Тарнеден. „Познато е дека во Германија законот за странци е многу остар и рестриктивен. Поради тоа можеби од страна на Сојузната влада постои стравување оти би можел да биде олабавен законот за странци во полза на заштитата на жртвите“, истакнува Тарнеден и додава дека УНИЦЕФ, го критикува таквото размислување. Ханс-Петер Ул не верува дека во Германија наскоро ќе дојде до примена на ЕУ директивата. „Таа тема ќе мораме да ја одложиме за по парламентарните избори во септември“, истакнува тој. Меѓутоа против Германија би можело да биде поднесена тужба во Европскиот суд за човекови права поради пропушање на рокот за промена на ЕУ директивата. Но тоа му е сеедно на Министерството за правда, уверен е Ул.