1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Германија ќе и помага на Македонија во борбата против корупцијата

Германскиот сојузен завод за администрација, заедно со ко-партнерите од Полска, во Македонија ќе реализираат 24- месечен твининг проект за превенција и борба против корупцијата, во вредност од 1,42 милиони евра.

„Доколку сѐ се одвива според амбициозните планирања, твининг проектот за поддршка на ефикасната превенција и борба против корупцијата во Македонија би можел да стартува на 1 април 2014-тата. Станува збор за проект во кој главните партнери се Сојузниот завод за администрација на Германија и Државната антикорупциска служба во македонското Министерство за правда. Ко-партнер е и Полска. Вредноста на проктот што ќе трае 24 месеци е 1,42 милиони евра од кои 95 проценти доаѓаат од касата на Европската Унија, а со 5 проценти треба да учествува Македонија“, изјави за ДВ Холгер Михаел Арндт, правник и почесен конзул на Македонија во Диселдорф, кој се ангажира околу германско-македонската соработка и посебно во пренесување на германските искуства во борбата против корупцијата.
Германскиот сојузен завод за администрација го доби проектот во Македонија во конкуренција на проекти од повеќе претенденти од ЕУ: Франција и Италија, Шпанија и Хрватска, Финска и Романија, Велика Британија и Унгарија. Конкурсот за твининг проектот бил распишан минатата пролет (2013), резултатите биле соопштени на крајот на октормври, а токму во овие месеци се дефинираат задачите, целите и термините во кои истите треба да бидат исполнети.

Четири компоненти на проектот

Твининг проектот за поддршката во ефикасната превенција и борба против корупцијата, онака како е првично дефиниран е прилично апстрактен. Го прашуваме Арндт: што практично ќе се работи во текот на тие 24 месеци? Која е суштината на проектот и што ќе значи реализацијата за граѓаните и интеграцијата на земјата во ЕУ?
„Проектот го чинат четири „работни пакети“, или, столбови. Првиот дел е јакнењето на капацитетите и компетенциите на македонските служби во делот на борбата против корупцијата. Врз овој дел се надоврзува вториот со кој ќе треба да се етаблираат структури и да се востановат постапките кои се однесуваат на проверка на примањата и имотната состојба на македонските политичари и раководните лица во администрацијата. Ова значи дека ќе биде

Holger-Michael Arndt Honorarkonsul der Republik Mazedonien in Düsseldorf

Амбициозен план -старт на твининг проектот во Македонија на 1 април. Холгер Михаел Арндт

изграден инструментариум преку кој ќе се проверуваат поднесените извештаи за имотната состојба, нивните редовни и дополнителни приходи, сопственостите и сл. На овој втор работен пакет ќе се надоврзе третиот кој се однесува на транспарентноста во финансирањето на политичките партии и нивните изборни кампањи.Во овој дел ќе се анализира потеклото на парите кои пристигнуваат до партиите. Четвртиот и последниот дел од твинг проектот ќе биде зајакнување на судската пракса во областа на корупцијата и управување со конфискуваниот имот. Ова конкретно значи сензибилизирање на народот за темата превенција на корупцијата. Или со други зборови кажано следење на идентификуваната и пријавената корупцијата во администрацијата, болниците, универзитетите – каква е судската разрешница на ваквите постапки и колку судовите вистински ги решаваат ваквите случаи“, појаснува Холгер Михаел Арндт.

Пренесени искуства

Идејата и на овој твиниг проект, како и на сите кои ги финансира Европската унија е преку него да бидат пренесени искуствата од земјата партнер и да се помогне во реформите во одделните сфери на државната управа. Со оглед што е значајно вистинското дефинирање на задачите, целите и очекувањата , повеќе време се посветува на овие подготвителни работи кои во суштина се решавачки за ефикасноста на целиот проект. Во конкретниот случај станува збор за борбата против корупцијата која е од исклучителнио значење за претстојните европски интеграции на Македонија. Поради ова, како што вели Арндт, се посветува и повеќе време на дефинирањето на одделните теми и времетрањето на нивната реализација. По прецизното планирање, кое сѐ уште трае, претстои уште една проверка и потврда на проектот од надлежните служби на Европската комисија.
„За овие две години во кои ќе се одвива проектот, еден експерт од Германија ќе има свое биро во Македонија и тоа во државната антикорупциска служба. Веќе се знае дека оваа работа ќе ја извршува колега кој повеќе години бил раководител на Одделот за внатрешни постапки во Хамбург. Станува збор за Јоахим Шванце, кој рака под рака, се надевам уште од 1 април, ќе работи со македонските колеги од антикорупциската служба во министерството за правда“, објаснува Холгер Михаел Арндт.
Инаку Европската комисија одобрила уште два твининг проекта за Македонија чија реализација со германски партнери треба да стартува во 2014 година. Едниот проект е во доменот на аграрната политика, а другиот во сферата на трудот и социјалата и тоа конкретно ќе се занимава со реинтеграцијата на невработените на пазарот на трудот.