Германија ја слави титулата светски првак во ракомет за мажи | Теми | DW | 05.02.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германија ја слави титулата светски првак во ракомет за мажи

Во финалето Германија - Полска 29 : 24. Во Бундеслигата сега води Шалке. Во санкање сите титули за германските претставници. Нојнер двојна светска првенка во биатлон

Капитенот Маркус Баур со победничкиот трофеј

Капитенот Маркус Баур со победничкиот трофеј

Нацијата доби нови спортски херои

Германија доживеа и своја зимска спортска бајка, на натпреварувачки план уште повеличествена од летната, што ја приредија фудбалерите со третото место на мондијалот и со неверојатната атмосфера што ја распалија. Ни ракометарите не беа во најтесниот круг на фаворитите светското првенство, но покажаа уште поголема истрајност во остварување на желбата за подвиг. Не ги поколеба ни поразот од Полска во натпреварите по групи, ниту кризата во финалниот дуел кога за малку истиот противник ќе направеше пресврт, иако неколку минути пред тоа се чинеше дека е дотолчен. Триумфираше големата спортска волја.

Во финалето во преполната Келнарена беше победена Полска со 29 спрема 24. „Ако сум искрен, пред три недели сметав дека не е можно она што се случи. Имавме многу проблеми, но турнирот така се одвивавше, што дури подоцна сфатив дека е можно, а екипата ми направи толку задоволство. Патем имавме и малку среќа што е неопходна“. Сојузниот тренер Хајнер Бранд со оваа анализа го изрази она што многумина го чувствуваа – на титулата малку кој сметаше.

Голманот Јоханес Битер по финалето со оценка за успехот: „Мислам дека за време на овој турнир развиваме таква волја што ниту во еден момент не заборавивме да веруваме во себе и кога имавме само еден гол предност, бев сигурен дека сме доволно силни да победиме“.

Германскиот канцелар Ангела Меркел од турнејата по Блискиот исток на германската репрезентација и’ упати лична честитка: „Најнапред и’ честитам на германската екипа. Мислам дека се надмина себе си. На сите навивавчи им приреди голема радост и доби нови приврзеници за овој спорт. И, иако се ноаѓам далеку од дома, срдечни честитики и се’ најдобро“.

Ракометното ни по атмосферата не заостана зад фудбалското првенство на светот. 19 илјади гледачи во Келнската арена – не само во финалето. А ноќеска пред градското собрание на Келн 30-ина илјади луѓе ги славеа шампионите, кои дојдоа да се запишат во Златната книга на градот. И таму, како и претходно во Арената, море од знамиња во црно-црвено-златни бои. “Супер. Во четвртокот бев и во салата, веќе тоа беше прекрасно, ама ова повде е боговски”. “Не ми се верува дека ова го доживеав. Неверојатно, не може човек ни да си претпостави како е овде” – зборуваа возбудените луѓе. Тие сакаа да ги видат и поздрават шампионите, кои тие им отпоздравија од балконот на Градското собрание и им го претставија победничкиот трофеј.

Играчите на свој начин, со песна, им заблагодарија на “најдобрите навивачи на светот”. Тренерот Хајнер Бранд го искажа она, што им лежеше на срце на неговите избраници: “Келнската публика беше едноставно сензационална. Јас уште не можам вистински да излезам на крај со она што се случуваше овде во последниве денови, тоа беше сензационално. Многу, многу фала”.

Германските санкачи доминантни во светот

Светското ракометно првенство турна се’ во втор план, иако се случуваа и други интересни работи, беа забележани и други подвизи. Светското првенство во санкање, што се одржа во Инсбрук, донесе досега незабележана доминација на Германците – тие ги освоија сите титули, во женска конкуренција поединечно дури и сите три медали: за Татјана Хифнер тоа беше прва светска титула, а зад себе ги остави Анке Вишњевски и Зилке Краусхар – Пилах. Кај мажите злато за Давид Мелер, бронза за Јан Ајхорн. Сребрениот трофеј му припадна на Италијанецот Армин Цегелер. Во машки двосед четврта титула светски прваци за Патрик Лајтнер и Александер Реш, а и во екипна конкуренција Германија беше најдобра.

Нојнер – двојна светска првенка

Неверојатен подвиг постигна и 19-годишната Магдалена Нојнер од Валгау – на светското првенство во биатлон, што се одржува во Антлиц, беше во втор план, а на крајот ги остави сите зад себе: “Последните метри беа супер, кога знаеш дека си прв на целта и уште можеш малку и да славиш пред гледачите – тоа е лудило. Тоа е навистина толку прекрасно, што радо би го повторила”.

И го повтори: во два дена Нојнер освои два златни медала - во спринт, како и во трката на хронометар на патека од 10 илјади метри. “Јас веќе неколку пати реков оти мислам дека е ова моја лична зимска бајка. Сега токму се обистинија некои од моите сништа и јас сум пресреќна”, рече двојната светска првенка.

Шалке го победи Вердер и го симна од врвот на табелата

Среќен на викендот беше и тренерот на Шалке Мирко Сломка, откако неговите фудбалери го добија дербито против досегашниот лидер на Бундеслигата Вердер и тоа во Бремен со 2 спрема 0. Сега Шалке е на врвот со три бода предност пред Вердер. “Се чувствува дека секој се бори за другиот. Секој може веднаш да влезе во тимот. Секој би сакал да учествува. Тоа навистина не одликува во моментов и поради тоа можам само да кажам: респект пред постигнувањата на оваа екипа” – рече Сломка, чиј тим веќе 11 натпревари последовно не знае за пораз.

Битката за титулата се’ уште не е решена, порачуваат од Вердер. “Ние сакавме денеска да победиме или барем да играме нерешено, и кога ќе загубиш дома, тоа се разбира е чекор назад. Но, и покрај тоа, се’ уште не е ништо решено. Наредната недела имаме тежок натпревар во Штутгарт, а јас сум уверен дека во наредните недели повторно ќе настапиме поинаку” – рече менаџерот на Вердер Клаус Алофс.

Синоќа и вториот гостин, Штутгарт, славеше победа и тоа против Борусија во Дортмунд со 1 спрема 0. “Севкупно мојот тим одигра добар натпревар во текот на сите 90 минути. Во краен биланс победата е заслужена” – оцени тренерот на Штутгарт Армин Фе. Штутгарт сега е на трето место, Баерн по дебаклот во Нирнберг и поразот со 3 спрема 0 е четврти. За прв пат Баерн беше предводен од Отмар Хицфелд, кој по отказот на Феликс Магат се нафати да го води тимот само до крајот на пролетниот дел. “Да, 3 спрема 0 остави траги. Но сега знаеме, односно јас знам што треба да правам и знам што ме очекува”, прокоментира Хицфелд. Иако со Баерн доживеа ѕвездени моменти и го освои Интерконтиненталниот куп, како и Лигата на шампионите, Хицфелд – барем засега – исклучува можност да остане подолго во Минхен.

Со нов тренер настапи и Хамбургер. Холанѓанецот Хуб Стевенс дојде на местото на Томас Дол и доживеа пораз од 2 спрема 1 од Херта во Берлин - по малку несреќно, со гол во последната минута. Повеќе среќа имаше Јос Луукај, кој од помошен стана главен тренер на Борусија Менхенгладбах по заминувањето на Јуп Хајнкес. Борусија победи како гостин против Арминија во Билефелд со 2 спрема 0. Енерги Котбус и Бохум одиграа без голови, додека Волфсбург во натпревар со пресврти го победи Баер Леверкузен со 3 спрема 2.

На дното на табелата станува многу занимливо: Мајнц на гостувањето во Франкфурт одигра нерешено со Ајнтрахт 0 спрема 0 и со седум бодови од три средби во продолжението на првенството фати чекор во борбата за опстанок. Алеманија во Ахен загуби од Хановер со 4 спрема 1 и е на чекор до критичните места.