1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Германија ја предизвика Втората светска војна“

Во близината на полскиот град Гдањск се одржува централната свеченост, со која се одбележува почетокот од Втората светска војна. Меѓу 20-темина шефови на држави и влади се наоѓа германската канцеларка Ангела Меркел.

default

Полски морнари пред меморијалот на бранителите во Вестерплате

Спроти почетокот на централната свеченост, канцеларката Ангела Меркел ја подвлече одговорноста на Германија. „Германија ја предизвика Втората светска војна и предизвика бескрајно страдање во целиот свет“, порача Меркел во интервју за првата програма на германската телевизија. Таа вети дека Германците никогаш нема да ги измешаат причината и последиците. По признавањето на германската вина за војната и страдањето, канцеларката Меркел оцени дека е неправда и протерувањето на преку 12 милиони луѓе од подрачјата што порано и’ припаѓаа на Германија, а денеска се во состав на Полска.

Заедно да се одбележува сеќавањето

„Историјата не смее да се заборави, ниту пак да се фалсификува“, порача, пак, полскиот премир Доналд Туск рано утринава (01.09.2009) на првата од низата денешни манифестации посветени на почетокот на Втората светска војна. Тој оцени дека Хитлерова Германија и неколку дена подоцна Советскиот сојуз на Сталин извршиле агресија врз Полска, но истовремено повика на заедничко одбележување на војната, во кое треба да учествуваат сите учесници во неа.

Gedenkfeier Polen Ausbruch Zweite Weltkrieg Danzig mit Lech Kaczynski

Лех Качински на церемонијата во близината на Гдањск

За разлика од таквите помирливи тонови на премиерот, полскиот претседател Лех Качински посочи дека полските војници уште се бореле против германскиот агресор, кога дошол нападот од Советскиот сојуз. „Русија и‘ заби нож во грб на Полска со нападот од 17. септември“ , порача Качински и особено потсети на убиството на околу 15.000 полски офицери во Катинската шума, што го извршија советските тајни служби. Тој го спореди овој масакр со холокаустот над Евреите. „Каква паралела постои меѓу холокаустот што го изврши нацистичка Германија и Катин? Евреите умреа затоа што беа Евреи, а полските офицери, затоа што беа полски офицери.“

Важна улога на Полска во европското обединување

На главната церемонија присуствуваат и рускиот премиер Владимир Путин, францускиот ,Франсoa Фијон и шведскиот, Фредрик Рајнфелт, во својство на претседавач со ЕУ. Во посебно соопштение шефот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, високо ја оцени улогата на Полска при повторното помирување меѓу народите по Втората светска војна, како и надминувањето на поделбата на Европа по студената војна. За голем број европски нации темното поглавје на историјата, што почна со Втората светска војна, се заврши дури со паѓањето на комунистичките диктатури пред две децении. Во меѓувреме е сосема нормално Полјакот Јежи Бузек да биде претседател на Европскиот парламент, нагласи Барозо во соопштението по повод 70-годишниот јубилеј од почетокот на Втората светска војна.

Автор: Г.Ч./С.Н./ ДПА

Редактор: Жана Ацеска