1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија-Турција: Криза на доверба

Случајот НСУ и претстојното судење на осомничената терористка Беате Чепе во Минхен, во Турција го разгоре обвинувањето дека Германија прави премалку против десниот екстремизам. Коментар на Баха Гингер - тоа е опасно!

Меѓу Германија и Турција, меѓу Германците и Турците, владее криза на доверба која станува се‘ подлабока. Дали последните пожари во Германија во згради во кои живеат главно Турци се дело на неонацисти? Дали германските истражни органи свесно исклучуваат можност дека пожарите можеби биле подметнати за да ги земат во заштита десните радикали? Дали покраинскиот суд во Минхен намерно ги исклучил турските медиуми од судската сала кадешто ќе се одвива НСУ-процесот? Бескрајна низа провокативни прашања кои за способните и неспособните, овластените и неовластените, се повод да даваат субјективни одговори и со тоа да предизвикуваат нов бран обвинувања и да придонесуваат за зацврстување на спротивставените фронтови.

Реакцијата на Турците овде во „Алманија“, како и на претставниците на владата во Турција, германската јавност мора да ги прифати како сфатливи. Трнот е се‘ уште зариен длабоко, семејствата на осумтемина Турци и на Гркот, убиени од терористите на НСУ, се премногу истрауматизирани. Истражните органи, се‘ до највисоките владини функционери во сојузот и покраините, со години исклучуваа можност дека убиствата се извршени од страна на неонацисти. Игнорирани биле индиции, уништувани биле акти, а згора на се‘ жртвите уште беа под сомневање дека се жртви на нивни криминални врски. Тоа за правна држава како Германија се недостојни, лекомислено како „грешки“ окарактеризирани факти, кои во голем дел се причина за актуелните тензии во германско-турските односи.

Девиза: да се задржи одмереноста

Сепак, токму високите претстваници на турските мигранти би требало да се откажат од паушално обвинување на германските иследници и политички одговорните лица дека „ги минимизираат“ пожарите во кои жртви се мигранти. Германија има проблем со неонацистите и анкетите покажуваат дека овој проблем мора да се третира посериозно отколку досега. Има многу напади врз џамии, сместувалишта и објекти на мигранти, кои германската јавност не ги регистрира, кои завршуваат без последици и брзо се ставаат ад акта.

Baha Güngör DW Türkische Redaktion

Баха Гингер, автор на коментарот

Тоа што претставниците на турските власти сметаат дека се принудени да се заземат за своите сонародници во Германија е исто така разбирливо. Кога Германци имаат проблем во Турција, само по себе е разбирливо германските политичари да се грижат за судбината на своите граѓани. Но и при ваквите иницијативи девизата мора да остане - да се задржи одмереноста. Двете страни не смеат да се мешаат на начин спротивен на поделбата на надлежностите и мора да ја почитуваат независноста на судството.

Судот може да придонесе за деескалација

Покраинскиот суд во Минхен го отфрла секој предлог на претставниците на турските медиуми да им овозможи место во салата, во која на 17 април ќе почне НСУ-процесот. Судот формалноправно се однесува коректно, но дејствува со елеганција на слон во продавница со порцелан, без чувство за специфичноста на случајот и сочувство. Кој може да им забележи на турските медиуми кога го поставуваат прашањето дали германскиот суд би се однесувал исто толку непопустливо ако жртвите биле Полјаци, Британци, Руси или дури и Евреи?

Затоа излегување пресрет од страна на судот во Минхен би можело да придонесе за деескалација на актуелната криза на доверба. Наредниот степен на релаксација на германско-турските односи би бил постигнат кога политичарите и медиумите во двете земји би престанале да аргументираат „од ракав“ со што само придонесуваат за заострување на ситуацијата. Конечната релаксација зависи од истрагата на германските безбедносни и судски власти. Тие дадоа ветување дека ќе истражуваат во сите насоки. На крајот треба да бидат обелоденети уверливи резултати за причините за пожарите во кои животите ги загубија луѓе со мигрантско потекло. Секој обид за разубавување или омекнување би бил фатално охрабрување за подметнувачите на пожари на нови напади.