1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија сѐ уште го „сонува“ членството во Советот за безбедност

Германија ја прославува 40. годишнина како членка на ОН, партнерство на кое се гледа како успех. Сепак, последниве години имиџот на Германија во ОН беше делумно нарушен.

Пофалбите дојдоа кусо пред одбележувањето на 40. годишнина од членството на земјата во светската организација. На прослава во Њујорк во понеделникот, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун и оддаде признание на активната улога на Германија во меѓународната заедница. И пред и по обединувањето, Германија беше една од најактивните поддржувачи на ОН, рече Бан, дополнувајќи дека тој лично се потпира на советите и на активностите на бројни германските претставници.

Дури на 18 септември 1973., речиси три децени по формирањето на ОН, и тогашна Западна и Источна Германија станаа полноправни членки на ОН. Претходно членството беше оневозможувано од Западна Германија која се противеше на признавањето на нејзиниот источен сосед.

„Сѐ до пред неколку години членството на Германија во ОН беше успешна приказна“, вели политикологот Клаус Дитер Волф. „Борба против сиромаштијата, хуманитарна помош, заштита на животна средина и превенција од кризи, сето тоа беа области каде Германија работеше со голем успех“.

Голем донатор

Guido Westerwelle UN

Гидо Вестервеле во ОН

По САД и Јапонија, Германија е третиот најголем донатор во буџетот на ОН со околу 140 милиони евра. На тоа треба да се додадат и придонесите за мировните мисии. Германија ќе им исплати на ОН 538 милиони долари од јули 2013. до јуни 2014. година, со што е четвртиот најголем донатор на ова поле. Но овие придонеси се задолжителна ставка за сите земји членки и тие се определуваат согласно големината и економската моќ на секоја земја.

„Постојат и доброволни прилози, и во тој дел Германија не е ни блиску до првите три донатори“, вели Беате Вагнер, генерален секретар на асоцијацијата на ОН во Германија. Во доброволните донации, Германија најчесто е на 10. место, па и подолу според исплатите.

Притоа, само 315 германски војници се ангажирани во мировни операции, како оние во Либан или Мали, кои се во директна надлежност на ОН. Тоа е далеку помалку дури и во однос на земји како Бангладеш, Етиопија или Уругвај. Од друга страна, повеќе од 6.000 германски војници и стотици полицајци учествуваат во мисиите во Косово и во Авганистан.

Волф веќе подолг период забележува една контрадикција во германската политика кон ОН. Иако Германија често ја потенцира улогата на ОН, таа далеку повеќе внимание посветува на меѓународни организации во кои голем број земји се исклучени, како Г8 и Г20. Овие организации, вели Волф, директно ги заобиколуваат ОН.

Лимитирано влијание

Krieg in Syrien UN-Sicherheitsrat ARCHIVBILD 2012

Членството во Советот за безбедност на ОН останува голема желба на Германија

Како една од многуте земји-членки, влијанието на Германија е ограничено, особено поради фактот што не е членка на Советот за безбедност. Веќе подолго време Берлин лобира за реформи кои ќе му овозможат да влезе во постојаниот совет. Последниот обид тоа да се стори е преку иницијативата за геостратешките услови. Заедно со Јапонија, Бразил и Индија, Германија формираше група чија цел е проширување на Советот за безбедност. Но, останува големо прашање дали тоа воопшто некогаш ќе се случи. Сега засега, германските и другите дипломати можат да си го заземат своето место веднаш спроти Советот за безбедност, во ткн. „тивка соба“ која Германија ја формираше во 1978 година. Германскиот амбасадор во ОН, Петер Витих формално им ја предаде редизајнираната соба на ОН на неодамнешната прослава во Њујорк.