1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Германија суверено во четвртфинале

Германската фудбалска репрезентација се пласираше во четвртфиналето на ЕП. Таа ја победи Данска со 2:1, а во паралелниот натпревар од групата А, Португалија ја победи Холандија и исто така се пласираше натаму.

Со три победи во три натпревари тимот на Јоахим Лев оди суверено натаму на Европското првенство. Против екстремно дефанзивните Данци, германските единаесетмина победија со 2:1. Сами Кедира коментира: „Се разбира, секогаш е поедноставно кога противникот е отворен. Тоа што Данците играа толку дефанзивно иако мораа да извојуваат победа е поради фактот што нивниот стил на игра е таков. Моравме да се бориме против тоа. Против Грците, во четвртфиналето, нема да биде многу поинаку. Мора да се навикнеме на тоа и да не се жалиме“.

Тренерот Лев предупредува дека Грците не треба да се потценуваат: „Грција ќе има слична игра (како Данска н.з.). Мислам дека Грција е екипата која на овој турнир имаше три шанси за гол и даде три гола. Тоа е лудо, но противник кој игра многу дефанзивно е опасен. Мислам дека можеме да ја подобриме офанзивата“.

Германија до третата победа инаку стигна со головите на Лукас Подолски во 19. минута и на Ларс Бендер во 80. минута, додека стрелец за Данска беше Мајкл Крон – Дели. Португалија до победата над Холандија, дојде со пресврт, откако „лалињата“ го постигнаа првиот гол во 11. минута преку Рафаел Ван Дер Варт. Двата гола за Португалците ги постигна Кристијано Роналдо во 28. минута и во 74. минута.

Германија е прва на табелата со 9 бодови, пред Португалија со 6, Данска освои 3, а Холандија остана без бод.