1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германија стравува од левичарски екстремизам

Колку левичарски екстремисти има во Германија и колку се тие опасни за државниот поредок? Овие прашања се повторно отворени во земјата по судирите на полицијата и левичарските демонстранти во Хамбург.

Искршени стакла, запалени контејнери, обоени ѕидови на централата на социјалдемократската партија- тоа е билансот од последните протести на припадниците на автономното движење во Франкфурт. И во Берлин протестираа околу 150 левичари, но таму немаше нереди. Автономните се огласија и во пуританскиот Баден Виртемберг, со графити за поддршка на колегите во другите сојузни држави.

Воопшто, изразите на солидарност деновиве почнаа да стигнуваат од сите делови на Германија. Левичарските радикали им даваат поддршка на хамбуршките припадници на автономната сцена. По демонстрациите чиј повод беше најавата дека ќе се затвора центарот на автономните групи „Црвена флора“ во Хамбург- кога дојде и до жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите- полицијата прогласи делови од градот за „опасна зона“. Тоа значеше дека во тие делови полицијата може да контролира и легитимира кого сака, без никаков повод.

Припадниците на Службата за заштита на уставниот поредок сметаат дека тоа е исправна мерка: „Кога доаѓа до така жестоко насилство, прогласувањето на опасна зона е оправдано за на тие места повторно да се воспостави контрола од државата“, вели за ДВ, Торстен Фос, припадник на службата од Хамбург.

Rote Flora im Schanzenviertel in Hamburg

Центарот „Црвена флора“ во Хамбург поради кој избувнаа протестите

Судирите во Хамбург од 21 декември, полицијата ги претстави како голем хулигански напад врз силите на редот, а демонстрантите и бројни сведоци тврдат дека токму полицијата со брутална и безобѕирна употреба на сила го прекршила правото на граѓаните на мирен собир. Последниве тврдења ги потврди и „Хамбуршкиот сигнал“, огранок на Сојузното здружение на критички полицајци, кои во полицијата од Хамбург гледаат „сили на редот од мрачниот среден век“ и тврдат дека официјалните образложенија за бруталното спречување на демонстрациите се лажни и противуставни. Една од намерите на властите е и „граѓаните кои го користат своето право на собир, генерално да се прогласат за сили на хаосот, злосторници и сл.“ Критичките полицајци ги критикуваат и медиумите кои го поддржаа таквиот вид „полициска пропаганда“.

Мобилизација или пропаганда?

Навистина, мнозинството медиумски извештаи за случувањата во Хамбург во свеста на граѓаните оставија слика на општа мобилизација на левичарските екстремисти во Германија. Влијателниот демохристијански политичар Волфганг Бозбах во весникот „Франкфуртер Рундшау“ дури потсети и на Фракцијата на Црвената армија (РАФ) која во текот на 70. години изврши повеќе терористички напади во Германија, со зборовите: „За среќа, уште сме многу далеку од тероризмот а ла РАФ, но мораме да бидеме претпазливи да не дојде до таков развој на ситуацијата“. Многу експерти, меѓутоа сметаат дека ваквите споредби воопшто немаат никаква основа. И самиот припадник на Службата, Торстен Фос вели дека „насилството на левичарските екстремисти и на автономните групи е насочено пред сѐ кон материјалните добра а не кон личности“.

Фос објаснува и дека бројот на радикалните левичари последните години не се менувал подраматично бидејќи тие не делуваат бесцелно, туку „во статистиките воглавно влегуваат прекршочни и кривични дела сторени за време на демонстрации“. Тоа значи дека, на пример, за време на одржување на самит на Г8 се заведуваат далеку повеќе прекршочни дела. Според полициската статистика, во 2012 во Германија имало околу 3.200 кривични дела сторени од левичарски екстремисти, девет проценти помалку отколку во 2011 година. Во полицискиот регистар се наоѓаат околу 7 илјади имиња на левичарските екстремисти кои се подготвени на насилство.