1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија: Сиромаштијата тропа на врата!

12 милиони Германци се соочуваат со сиромаштијата, велат експертите.Луѓето кои живеат со проблемот и‘ забележуваат на политиката дека ги помага сиромашните во светот, но не и во сопствениот двор.

default

Дека парите го вртат светот е позната работа која редовно се актуелизира на крајот на секој декември, кога во бројните извештаи се подвлекува билансот на годината што изминала. 2011-тата за Германија беше во знак на борбата за стабилност на еврото, финансиската криза и определбата за штедење. И покрај тоа што економијата бележеше позитивни движења, податоците велат дека сиромаштијата, верувале или не, останува проблем на многу германски семејства.

„Болеста сиромаштија стана имуна на основниот медицински лек: економскиот развој!’,констатира Улрих Шнајдер, прв човек на германскиот Сојуз на организациите и установите од социјалната и здравствената сфера. Извештајот за сиромаштијата во германските покраини и региони каде се опфатени податоци од последниве шест години опоменува:

„12 милиони луѓе во Германија во 2010-та година се соочувале со ризикот што го носи сиромаштијата. Или, тоа се 14,5 проценти од вкупното население.

Сиромаштијата во последниве 6 - 7 години не е ублажена. Интересно е што ваквата ситуација владее независно од стопанскиот развој на земјата. Дури и во годините кога имало добар економски развој како 2006-та, 2007-ма и 2010-та, немало намалување на сиромаштијата туку таа како да е забетонирана“, подвлече Шнајдер, потсетувајќи дека доколку економијата не успева да обезбеди социјална еднаквост, тогаш тоа треба да го направи политиката. Но, и нејзините активности и мерки во минатото не биле ефикасни, така што критикувајќи ја владата, претседателот на Сојузот Улрих Шнајдер побара поголеми активности од владата во вистинска насока: промени во регулативата на Харц 4, поголеми шанси за младите преку образовниот систем и сопирање на сиромаштијата во староста. Едновремено, состојбата наложува детабуизира ње не само сиромаштијата, туку и тематизирање на екстремното збогатување.

Јазот исток-запад израмнет

Иако во сојузната држава е надминат јазок меѓу сиромаштијата во источните и западните покраини, во извештајот се констатирани три групи: со висока, средна и ниска сиромаштија. Интересно е што во некогашниот индустриски мотор на Германија, Северна Рајна Вестфалија, сиромаштијата веќе стана тренд. Слична е ситуацијата и во Берлин. Во оваа најризична група каде

Armut in Deutschland

Градската мисија на Берлин ги згрижува бездомниците!

сиромаштијата е присутна и до и над 20 проценти се и Тирингија, Саксонија, Долна Саксонија, Бремен и Мекленбург Предна Померанија. Во златната средина со квота на сиромаштија од 13,3 до 16,3 се Хамбург и Бранденбург, а во најмалку загрозените се традиционално богатите Баварија, Баден Винтемберг, Хесен.

Дека ризикот од сиромаштијата во Германија е во пораст предупредуваат и социолозите. Прагот на сиромаштијата го дефинира месечниот просек од 900 евра бруто по член на семејство. Оние кои не го достигаат овој просек без дилеми се вбројуваат во групата сиромашни. Лицата кои заработуваат месечно меѓу 900 и 1.200 евра бруто по член на семејство се категоризирани во групата со ниски месечни примања и се скалило над сиромашните. Тие можат да си платат за свој стан, да користат мобилен, да купат за децата видео игри и дури и по некоја маркичка гардероба или патики. Во средната класа се вработените со просек меѓу 1.200 и 2.200 евра, а оние кои заработуваат над овој износ веќе се приказна за себе и спаѓаат во - богатите.

Аналитичарите велат дека сиромаштијата им се заканува на 12 милиони Германци. Деновиве пред Божик, меѓутоа, кризата како да ги заобиколува не само Берлин, туку и многу градови ширум Германија. Улиците вријат од забрзани луѓе натоварени со кеси и пакети. Продавниците се преполни. Во Берлин особено се атакува врз атрактивните и луксузни одделенија на најскапата стоковна куќа Ка Де Ве. Таму, колку за споредба, една мала закуска во специјализираните ресторани-шанкови со чаша пенливо вино за двајца може да чини колку и половината од месечниот Харц 4. Се нуди и се продава француско шампанско, паштета и колачи, руски кавијар, норвешки ракови, италијански сирења и салами, аргентински стек. Прашуваме: Каде е кризата? Каде е сиромаштијата?

Не е како порано!

„Не можам да проценам... Јас не сум сиромашен! На знам... Отсекогаш сум работел. Мојата жена исто така “, вели градежниот инженер Александар, по потекло од Долна Саксонија, кој работи за една берлинска фирма. Вели не е милионер, но е сосема задоволен од животот. Може да руча во ресторан, да купи шпанскио вино, вредни подароци за најмилите со кои, за жал, ги минува само викендите и празниците. Го прашуваме како гледа на сиромашните кои безмалку пред влезот на стоковната, на метро станицата Витенберг, го продаваат весникот за бездомниците МОЦ и едновремено молат за половина или евро подарок за нивниот џеб.

„Не е добро што нема поддршка за тие луѓе. Многу пари се даваат за се’ и сешто, но не и за сопствените луѓе во својата земја“, дополнува Александар.

Покрај за големи подароци, овие денови пари се трошат и на многу дребулии, варено вино, сендивичи, колачи или шеќерно јаболко на божикните панаѓури. Кадар Калбарих е по потекло од Турција. Веќе 30 години е во Берлин. Има доба бизнис со киосците за донер. Го прашуваме дали и како ја чувствува сиромаштијата?

„Откако е воведено еврото, Германците станаа се’ посиромашни. Се забележува дека секоја година имаат се’ помалку. Има се’ помалку работа, се’ помалку заработувачка. Од мојата 20-та година работам во гастрономија. Тоа се безмалку 30 години! И сега забележувам дека секоја следна година работата оди се‘ надолу. Годинава не е како лани, а в годинава - сигурно нема да е подобро. Луѓето немаат пари, има многу невработени“, коментира Кадар. Го потсетуваме дека на Кудам, во трговските центри Алекса, во аркадите на Потсдамер плац, на божиќните панаѓури во сите делови од Берлин е каков во кошница со пчели. Врвулица од луѓе. Млади, стари, цели семејства...

Да полно е, но не може човек да каже дека навистина се’ цути. Куповната моќ е намалена. Можеби секаде е полно, но ако луѓето не купуваат, туку само гледаат и се топлат – се’ е попусто. Порано муштериите за донер без проблем даваа 5 до 10 евра. Сосема комотно. Сега размислуваат за секој цент“.

I

Во зима многу значи топлиот оброк!

Ќе биде ли подобро в година ? Каде го гледа решението за надминување на кризата и зголемување на куповната моќ на обичните луѓе? Кадар подвлекува дека мора повеќе да се работи!

Во ризичната група која е погодена од сиромаштијата се и младите кои се недоволно квалификувани. Мартин има 21 година. Веќе 12 месеци работи како дограмаџија. Занаетот, вели добро го владее и има солидна работа. Има и планови. По некоја година сака уште нешто да доучи. Битно е дека има идеи и амбиции. Засега од работата може да живее како што му прилега на млад човек. Може ли навистина со 1.200 евра да го истурка месецот?

„Да , можам... Со автомобил, со свое станче, можам да живеам, посебно не се луксизирам и добро е“, вели Мартин, кој дополнува дека денес секој млад човек, доколку навистина сака може да најде работа. Помагаат бироата за вработување. Тој не сака да коментира зошто многу негови врсници завршуваат како бездомниоци на улиците и каде ја промашиле крстосницата која води кон нормална егзистенција!

Тешко е со Харц 4

Клаус Кнуп го затекнавме кај еден киоск наспроти главната железничка страница во Берлин. Со штрафцигерот в раце мајсторисуваше околу откачената врата. Мал, со маслинасто зелено палто, два броја поголемо од неговата сува фигура, Клаус беше расположен за муабет. Темата: каква ќе биде в година сиромаштијата во Германија, вели е негова специјалност.

„Искрено да кажам, веројатно ќе биде подеднакво голема како и последнава година. За мене лично знам дека сум и дека ќе бидам сиромашен. Но, вчудоневиден сум кога гледам за што се’ луѓето даваат пари“ , вели 63- годишниот Клаус кој е примател на Харц 4, што изнесува околу 340 евра месечно. И со овој износ не може кој знае колку големи работи да направи. Живее и преживува. Вели, мора! Одвреме-навреме еве вака некому ќе помогне нешто. Ќе поправи, ќе дотера… За возврат ќе добие кафе или супа. Од парите што ги добива купува прехранбени продукти.Има и семејство, но живее сам. Ќерките се возрасни. Едната живее во Западна Германија, другата е тука, во Берлин. Го прашуваме, нели ги користи погодностите кои за оние кои се без или со минимални приходи ги организира градот?

„Во Берлин има кујни за сиромашните. Но, за да се стаса до таму, треба да се плати превоз. Затоа јас одлучив да останам дома и да готвам сам“, вели Клаус кој би сакал повторно да работи, но никој не сака шеесетгодишници, така што со професионалниот живот вели – завршил! Гледа ли излез од ваквиот ќорсокак?

„Нашето општество, нашите политичари, прават многу.Тие многу помагаат, но во другите држави. Во сопствената држава не се толку активни. За жал морам ова да го констатирам!“, коментира Клаус, кој не е преголем оптимист. Вели ќе биде се’ полошо. Разликите меѓу богатите и сиромашните растат и има се’ поголем број луѓе кои се на минимумот на егзистенцијата. Ова му се потврдило пред некој ден кога бил на Божиќната прослава на Франк Цандер во хотелот Естрел. Имало над 3.000 сиромашни луѓе. „Кога ќе споредам како беше порано, а како е сега - ова беше екстремно многу. И веројатно во иднина ќе ги има уште повеќе!“, вели Клаус.

Plakataktion Spenden Sie Wärme

Донации за сиромашните...

Празник и за бездомниците

Колку е познат по своите шлагери, Франк Цандер е уште повеќе попопуларен по хуманитарниот ангажман. Годинава понеделнички, на Свети Никола, по 16-ти пат им приреди божиќна прослава на берлинските бездомници. Во хотелот Естрел пристигнале над 2.800 гости.

Традиционално пред празничната вечера добар дел од нив имале и бесплатно стрижење и дотерување на косата. Во текот на вечерта во делењето на храната помагале луѓе од политиката и јавниот живот. Традиционално тука биле пејачката Нина Хаген, но и политичарката од Зелените, Ренате Кинаст, а за првпат и професионалниот боксер Марко Хук како и многу други. Хелмут од Кројцберг, кој по десетти пат бил гостин на божикната трпеза на Цандер, на која годинава биле изедени 2.800 копани од гуска, 9.000 кнедли и 600 килограми зелка, вели дека и лани бил интервјуиран од некоја телевизија и дека емоциите и атмосферата биле подеднакви:

„Преовладува чувството дека иако човек е сиромашен, тука не е осамен. Меѓу своите е подеднаков. И имам можност да запознаам и нови пријатели и да се дружам со оние кои ги сакам и кои се подеднакво сиромашни како јас“, вели Хелмут. 70-годишниот Уве кој традиционално зимските месеци ги минува во ноќевалиштата на Градската мисија за бездомници во Берлин, а летото во паркот, воТиргартен или крај реката Шпре, кусо коментира дека за оние кои немаат ништо ова е вистинско празнување на Божик.

Armut in Deutschland

„Не знам навистина колку голем проблем во Германија се парите. Секој е на некој начин згрижен, има можност да се пријави во социјалните служби, има повеке локации на кои може да се добие храна, дневно дури и трипати топол оброк. Оние кои немаат облека, можат да добијат нешто топло, зимско. Има меѓутоа други проблеми во нашето општество, а тоа е социјалната сиромаштија. Има се’ помалку култура во комуникацијата, има се’ повеќе луѓе кои се чувствуваат изгубени“ коментира и Андреа, која со група млади бездомници живее под шатор и како вели протестира против ваквиот општествен тренд.

Во 2010-та година инаку на улиците ширум Германија живееле 248.000 бездомници. За 2015-та Сојузната заедница за помош на лицата кои немаат покрив над глава проценува дека бројот на бездомниците ќе достигне 280.000 лица. Или тоа би бил пораст од 10 отсто за осум години што и за една Германија е екстремно многу!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска