1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германија се наоѓа на патот кон подолотраен конјунктурен подем

Тоа е процена на реномираниот истражувачки Институт на германското стопанство. На повидок е и пресврт на пазарот на работна сила, најави шефот на институтот Михаел Хитер денеска во Берлин.

Во наредната година германското стопанство ќе оствари пораст со стапка од 2 процента, а вкупниот борј на невработени ќе опадне за 150 илјади, но според прогнозите на Институтот невработеноста ќе остане на високо ниво од 4,2 милиона. Хитер предупреди од претерано славје поради оптимистичките прогнози: “Или сега ќе успее пресврт кон траен курс на конјунтурно заздравување, или во спротивно се заканува враќање во рецесија”. Сепак, економските истражувачи проценуваат дека веројатноста да настапи позитивното сценарио изнесува 70 проценти. Дури и да не се случи тоа, во наредната година стопанскиот пораст сепак би изнесувал еден цел процентен поен.

Повод за оптимизам во прв ред дава светскиот стопански подем, но и растоварувањето што треба да го донесе последниот степен од даночната реформа, како и влијанијата на реформската агенда 2010. Опасност, пак, се заканува од можна уште повисока цена на нафтата, која би го забавила порастот на светската економија и би го подзапрела германскиот извоз, кој останува мотор на германскиот стопански пораст. Сепак, економските истражувачи наредната година побргу очекуваат пад на цените на нафтата. Според нив, ризик за германската конјунктура би претставувал и евентуален прекин на реформскиот процес, што би предизвикал несигурност кај инвеститорите и потрошувачите. Но, тие сметаат дека претежнуваат шансите за заживување на домашната побарувачка, пред се‘ со зголемена инвестициона активност. Добрите прогнози за конјунктурата и пазарот на работна сила ќе го потиснат мотивот за штедење поради страв од неизвесна иднина. Приватната потрошувачка, како што изнесе Михаел Хитер од Институтот на германското стопанство, наредната година ќе порасне за 1 насто, а ќе се стабилизира состојбата и во градежништвото.

И германската сојузна влада очекува пораст помеѓу еденипол и два процента годинава и два насто за наредната. Но, “Зиддојче Цајтунг”, повикувајќи се на кругови од владината коалиција, денеска известува дека таквата цел е неодржлива и оти порастот догодина би можел да достигне најмногу 1,8 насто поради помалку динамичниот развој во надворешната трговија и слабиот замав на домашната потрошувачка.