1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Германија сака Србија да добие кандидатски статус за ЕУ“

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во Белград ги охрабри српските власти „да не се опуштаат во последните метри“ пред остварувањето на целта- статус на кандидат за членство во Европската унија.

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле и вети поддршка на Србија за нејзините стремежи да добие статус на кандидат за членство во Европската унија на наредниот состанок на Советот на ЕУ во март.

Вестервеле вчера попладне (23.02.2012) допатува во ненадејна посета на Белград, која следуваше веднаш по писмото на шефовите на дипломатиите на Австрија, Италија и Франција до шефицата на дипломатијата на ЕУ Кетрин Ештон во кое побараа Србија да добие статус на кандидат за членство во Унијата.

Вестервеле нагласи дека Србија стигнала многу далеку на својот пат кон ЕУ во последните години, Србија и’ ги подобрила односите со Косово и континуирано спроведува политички и економски реформи.

Guido Westerwelle Boris Tadic Belgrad Serbien

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле и српскиот претседател Борис Тадиќ

Затоа, истакна германскиот министер Германија сака земјата да го направи следниот чекор во правец на Европската унија. „Истовремено сакаме да ја охрабриме Србија во последните метри што преостанаа да не се олабавува. Целта е пред очи, таа е остварлива и ние Германците стоиме зад јасната европска перспектива на Србија и на регионот“, изјави Вестервеле во Белград по средбата со српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ.

Германскиот министер додаде дека за остварување на целта Србија треба да остане флексибилна, рационална и ангажирана.

NO FLASH Serbien Außenminister Vuk Jeremic

Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ

Шефот на српската дипломатија Вук Јеремиќ пак изјави дека Србија може да се надева на позитивен исход од состанокот во Брисел во март и покрај сите проблеми кои постојат и кои не треба да се потценуваат. Јеремиќ истакна дека Србија стори се’ што е во нејзина моќ за да ги исполни барањата и препораките што Советот на ЕУ ги изнесе во декември.

Уште покатегоричен беше српскиот претседател Борис Тадиќ кој на средбата со Вестервеле истакна дека Србија ги исполнила сите услови за добивање на кандидатскиот статус. Тадиќ го потенцираше конструктивниот пристап на Белград во дијалогот со Приштина и максималната отвореност за постигнување договор. Тој меѓутоа уште еднаш нагласи дека Србија ни експлицитно ни имплицитно ќе ја признае независноста на Косово.

Министрите за надворешни работи на ЕУ наредниот вторник треба да разговараат околу кандидатскиот статус на Србија. Потоа на самитот во март шефовите на држави и влади на ЕУ би можеле да и‘ доделат на Србија кандидатски статус.

Автор: СН/ АТ/ дпа/ дв/ бета/ миа

Редактор: Александра Трајковска