1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германија - рај за перење пари

Организираниот криминал пере се‘ повеќе нелегално стекнати пари во Германија. Тоа го покажуваат новите бројки на Сојузната служба за борба против криминалот. Сепак, борбата против перењето пари е исклучително тешка.

Речиси 13 илјади пријави за осомничено перење пари биле упатени до одговорните служби во текот на минатата година. Во половина од случаите било утврдено дека сомневањето е основано. Тоа е највисок број на случаи на измама од 1993 година наваму. Тогаш во сила стапи законот против перењето пари. Тој ги обврзува, на пример банките, да ја информираат Сојузната служба за финансиски надзор, ако на некои дотогаш незабележливи банкарски сметки одеднаш се движат високи суми пари. 

Според најновиот (29.10.2012)  извештај на Сојузната служба за борба против криминалот (БКА), забележани биле особено исплати од Италија, Русија, Украина и Белорусија. Извештајот открива и дека покрај трговците со недвижности, сопствениците на ресторани и на локали за игри на среќа и приватни лица засилено ги ставаат на располагање своите банкарски сметки за перење пари.

Непрегледни приливи на пари

„Состојбите во Германија за  жал се’ уште се поволни за перење пари“, објаснува Герхард Шик, кој како пратеник на партијата на Зелените во Бундестагот и како член на парламентарната комисија за финансии се занимава со оваа тема. „ Се’ уште малку се знае колкави димензии има зафатено целата работа“, вели Шик во интервју за ДВ.

„Многу трговски и стокови зделки се се’ понепрегледни“ , признава и претседателот на БКА, Јерг Цирке. Поради тоа контролите мора дополнително да се зајакнат. Дека тоа е неопходно сметаат и експертите во Организацијата за соработка и развој во Европа (ОЕЦД) и во Европската комисија во Брисел. Двете институции одамна ја обвинуваат Германија дека прави премалку во бробата против перењето пари.

Критика од Брисел

Од 50 до 60 милијарди евра изнесува сумата која секоја година во Германија, од рекет, дроги и зделки со оружје, се префрлува во легални бизниси, гласи проценката на БКА. Истражните органи не можат да повратат ниту еден процент од оваа сума, се жали професионалното здружение на криминалната полиција. Во банкарскиот сектор казнениот прогон може да се гарантира, но во многу други бранши мора да биде воведен државен надзор и контрола. Политиката меѓутоа не сака вистински да го стори тоа, смета криминалистот Себастијан Фидлер.

Европската Комисија поради одолговлекувачкото однесување на германската влада веќе започна постапка против земјата за прекршување на европските договори. Главниот аргумент гласи: неказнетото перење пари овозможува и неконтролирано финансирање на тероризмот. Другите европски земји, според бројките на ОЕЦД, навистина позасилено ги истражуваат случаите на перење пари и покажуваат четири до дваесет пати повисока стапка на откривање на ваквите казнени дела.

Секогаш нови трикови

Пратеникот Герхард Шик укажува дека најголем проблем е тоа што во редовите на истражителите на БКА има премалку стручен персонал за ваков финансиски криминал .Поради тоа, според него, добар чекор беше основањето на специјалистичка група во рамките на Сојузната служба за борба против криминалот т.н Фајненшл Интелеџенс Јунит (ФИУ). Оваа група во последно време открила бројни нови практики и порафинирани методи на измама.

На пример, криминалците ги манипулираат автоматите за игри на среќа, така што тие покажуваат помала добивка. Или нудат забранети игри на среќа преку интернет. Проценетиот промет на ваквите измами изнесува 120 милиони евра. Една варијанта за перење пари посебно богата со трикови е нелегалните пари да се легализираат преку стечајна постапка. Истотака за перење пари во меѓувреме се користи и трговијата со сертификати за емисија на ЦО2.

Според една студија на „Мрежата за даночна правда“ направена во седумдесетина земји , Германија е еден од најголемите центри за нелегалните финансии  - со полоши услови отколку во Швајцарија, на Кајманските острови , во Луксембург или во Џерси.