1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија размислува за брзи постапки против лажните азилатни

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих се заложи за намалување на паричната помош и брзо враќање на лажните азиланти во татковината. Поддршка за тоа добива и од ресорните министри на покраинско ниво.

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих има намера да ги скрати исплатите на пари за македонските и српските баратели на азил и со тоа Германија за нив да стане неатрактивна земја за барање азил. „Оној кој доаѓа од безбедни држави - меѓу нив се вбројуваат Македонија и Србија - во иднина треба да прима помалку средства во готово“, изјави политичарот од ЦСУ денеска за весникот „Билд“. За тоа треба да биде сменет законот за пружање помош за барателите на азил. Индиректно Фридрих го критикуваше германскиот Уставен суд, кој изминатово лето донесе одлука да се покачат средствата за барателите на азил на ниво на социјалната помош „Харц 4“. По оваа одлука нагло се покачи бројот на подносители на азил од Македонија и од Србија.

„Таа (пресуда) ќе доведе до тоа уште повеќе да се зголеми бројот на баратели на азил, оти за економските бегалци станува се’ поатрактивно да дојдат кај нас и со пари во готово да се вратат назад“, предвидува министерот. Германските сојузни покраини би можеле да се спротивстават на тоа со тоа што ќе даваат материјална, а не парична помош. Еден дел од средствата сепак мора да биде исплатен парично.

Фридрих исто така најави забрзување на постапката за азил. „Уште овој месец полицијата ќе ја зајакне Службата за миграција и бегалци“, изјави министерот. Брзото протерување на лицата со веќе одбиени барања за азил е во надлежност на сојузните покраини.

Економските бегалци од Балканот немаат шанси да добијат азил во Германија

Symbolbild Asylrecht, Abschiebung, Asylverfahren, Abschieberichtlinie

Граѓаните на Македонија и Србија во Германија немаат статус на бегалци и со тоа немаат ниту право на азил

Поради зголемениот број баратели на азил од Македонија и Србија, денеска и министерот за внатрешни работи на покраината Долна Саксонија, Уве Шинеман, се заложи за побрза постапка за решавање на прашањето за добивање азил. „Сојузот сега мора да реагира брзо“, изјави Шинеман на маргините на партискиот конгрес на ЦДУ во Целе. Целта треба да биде, по 30 денови барателите да бидат вратени во нивните татковини. „Мора да се одлучува по барањата за азил колку што е можно побрзо. Тоа мора да биде сосема јасен сигнал“.

Ненадејниот бран на азиланти од Србија и Македонија, според проценките има економска заднина, а не се работи за прогонување на луѓето. Ова надлежните го оценуваат како злоупотреба на правото на азил. Србите и Македонците во Германија не се признати како бегалци и не можат да добијат азил. Според германското министерство за внатршни работи, квотата за признавање на азил на граѓани на овие две држави е еднаква на нула.

Во септемрви, бројот на баратели на азил во Германија од Србија се зголеми за трипати и се искачи на 1.395 лица, додека бројот на баратели од Македонија се покачи на 1.040 лица. Подносителите на азил од овие две балкански држави сочинуваат една третина од вкупниот број баратели на азил, речиси 6.700, кои германската Служба за миграција и бегалци го регистрираше во септември 2012. година.