1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија призна дека ѝ продавала хемиско оружје на Сирија

Германската влада денеска призна дека, за последен пат во 2011. година, одобрила извоз на хемиски супстанци во Сирија, а притоа количината била поголема од досега познатата.

Податоците кои ги објави министерството за економија покажуваат дека во периодот од 1998. до 2011. година германските фирми извезле 360 тони хемикалии за воена и цивилна употреба во Сирија. Од министерството инсистираат дека нема докази оти хемикалиите биле користени како оружје.

„По анализата на достапните информации, може да се заклучи дека хемикалиите биле користени за цивилна употреба од страна на приватни фирми“, се наведува во извештајот.

Од министерството не соопштија кои компании ги извезувале хемикалиите, но тврдат дека извозот запрел во мај 2011, кога беа воведени санкции против Сирија.

Пред две недели беше објавено дека биле издадени извозни дозволи во периодот од 2002 до 2006. година за повеќе од 100 тони т.н. хемикалии за двојна употреба. Од министерството велат дека овие супстанци можат да бидат користени за третман на метали, вода за пиење или за производство на паста за заби.

Инспекторите на ОН за контрола на хемиско оружје во септемврискиот извештај потврдија дека во конфликтот во Сирија биле користени забранети хемиски оружја, а според доказите, гасот сарин бил користен во нападот врз една опозициска база, во кој загинаа стотици луѓе.