1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германија презема поголема одговорност за човековите права

Повеќе глобална одговорност, не само при воениот ангажман. Под ова мото, Германија сака да го преземе претседавањето со Советот за човекови права на ОН, кој нема голема моќ и во кој членуваат и Русија, Куба и Кина.

Во 2015. Германија сака да го преземе претседавањето со Советот за човекови права на ОН. „Ние сме подготвени да преземеме поголема одговорност, да го направиме поефикасно ова тело и да го зголемиме неговото влијание“, вели портпарол на германското МНР за ДВ.

Во Советот за човекови права претседателството не се избира, туку ротира меѓу земјите од секој од петте континенти. Во моментов со него претседава Габон од групата африкански земји. Следната година, редот е на групата западно-европски земји и меѓу нив треба да се одлучи кој ќе претседава со телото. Досега само Германија пријави кандидатура.

Клучна задача на претседавачот е да обезбеди мнозинство и да ги усогласи различните позиции. Неретко, ова тело со седиште во Женева се опишува како „беззаб тигар“, затоа што за разлика од Советот за безбедност нема право да утврдува санкции. Сепак, има можност да поставува прашања и да спроведува истраги за состојбата со човековите права, доколку се обезбеди мнозинство во советот. Но, не сите 47 земји-членки на Советот кои се бираат од Генералното собрание на ОН, се познати како почитувачи на човековите права.

Кој ќе го гаси „пожарот“?

China UN Menschenrechtsrat Sitzung 22.10.2013 Genf

Протести против изборот на Кина во Советот за човекови права на ОН

„Како да изберете пироман за шеф на пожарникарска служба“, го коментираат од организацијата „УН воч“ последниот избор на членки во кој, меѓу другите, за период од три години влегоа и Русија, Кина, Саудиска Арабија и Куба.

Во неговиот говор пред Советот, во февруари 2013., германскиот претседател Јоахим Гаук потсети на основните задачи на ова тело. „Вам, светската организација ви ја даде довербата за грижата за една од најважните и најранливите вредности на човештвото. Вие мора да делувате кога државите не се придржуваат до своите обврски за заштита на човековите права“.

До денес, Филип Дам од организацијата Хјуман Рајтс Воч не ги заборави зборовите на германскиот претседател. „Тоа се принципите кои ние ги очекуваме од едно идно германско претседателство“, вели Дам. Тој признава дека претседавањето не носи големо политичко влијание, но секоја земја може да акцентира одредени проблематични делови. „Претседавачот со советот соработува со сите членки и влијае врз различни теми, меѓу нив и заштитата на климата“, објаснува Дам.

При кандидирањето за задржување на местото во Советот во периодот од 2013. до 2015. година, тогашниот шеф на германската дипломатија Гидо Вестервеле јасно стави до знаење дека, не само политичките, туку и социјалните права ќе играат важна улога во германскиот ангажман.

Приближување на северот и југот

Традиционално, социјалните права, како пристапот до вода, храна и образование, беа централни теми за земјите од јужната хемисфера, додека западните земји инсистираа на политичките права. Во меѓувреме дојде до приближување на интересите меѓу северот и југот.

Philippe Dam

Филип Дам

Германија успеа да ја истурка до крај својата последна иницијатива во Советот. Заедно со Бразил, во декември 2013. до Генералното собрание на ОН беше поднесена резолуција против интернет-шпионажата. Причина за тоа беа информациите за масовното прислушување од страна на американската тајна служба НСА. Резолуцијата, во која се изразуваше „длабока загриженост“ поради следењето на дигиталните комуникации низ целиот свет, беше прифатена од Собранието. Во моментов, Високиот комесаријат на ОН за човекови права работи на извештај за дигиталната шпионажа и прислушувањето.

Германија веќе најави засилен ангажман и во воените мировни мисии. Шефот на дипломатијата Франк- Валтер Штајнмајер тоа го објасни со фактот дека Германија е најголемата и економски најсилната земја во Европа. „Доколку ние се воздржуваме, нема да има решение за конфликтите, затоа што нема да има веродостојни предлози“. Оттука, претседавањето со Советот за човекови права одговара на новиот надворешнополитички концепт.