Германија повторно цел на терористите | Теми на денот | DW | 21.11.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Германија повторно цел на терористите

Планот за терористички напади врз аеродром во Германија бил подготвуван од летоска, но за среќа е осуетен уште во раниот стадиум. Цел на напад бил фреквентниот франкфуртски аеродром, а бомбата требало да биде подметната во авион на израелска авио компанија. Поголемиот дел од осомничените се повторно на слобода. Обвинителството не дава многу детали за случајот.

Бомбата требало да се подметне во авион

Бомбата требало да се подметне во авион

Според сознанијата на весникот „Ди Велт“ зад овој план се крие група со исламистичка позадина. Весникот, според информациите добиени од безбедносните служби, пишува дека постоел план за терористички напади на аеродромот во Франкфурт. Терористите имале намера да подметнат куфер со бомба на еден од авионите на израелската авио компанија Ел АИ. Во тек е истражна постапка против шестмина осомничени за соучество во терористичко здружение и поддршка на тероризмот. Осомничените беа уапсени во петокот, но во саботата освен еден кој е веќе во затвор, петмината беа пуштени на слобода.

По најновите откритија, владата е уверена дека постоела опасност од напади. Портпаролот на министерството за надворешни работи Штефан Калер во понеделникот изјави:

„Имаше и други обиди за извршување на напади во Германија. Потсетувам на случаите со куфери бомби на железницата. Значи не се работи за апстрактна опасност. Ние живееме со тоа и мора да сметаме дека е можно повторно да има група луѓе кои имаат конкретни планови за напад.“

Државното обвинителство до сега е воздржано во давањето на информации за најновиот случај. Државниот обвинител Франк Валента изјави дека шестмината обвинети летово стапиле во контакт со еден посредник кој има пристап во безбедносната зона на еден аеродром. Овој посредник бил подготвен за парична надомест во еден авион да прошверцува куфер или чанта со експлозив.

Властите соопштија дека подготовките за терористичката акција се осуетени на почеток, и дека се уште не била договорена сумата што требало да му биде исплатена на посредникот. Обвинителството не може да соопшти ниту за која терористичка организација требало да работи посредникот. Полицијата во петокот изврши претрес на девет станови во потрага по докази кои требаше да и дадат одговор за која организација работат осомничените. Можно е и шестмината осомничени да сакале да се покажат како некој вид терористички посредници, што значи дека можеби се уште биле во потрага по налогодавец за евентуални напади.

Во очи паѓа и фактот дека државното обвинителство петмината од осомничените ги ослободи кратко по апсењето, а не ги изведе ниту пред истражен судија. Објаснението е дека поради тоа што се работи за спречување на обид за терористичко дело во ран стадиум, тие се повторно пуштени на слобода.