1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германија очекува драматичен пораст на економски бегалци од Источна Европа

Германскиот министер за внатрешни работи, Ханс-Петер Фридрих смета со значителен пораст на луѓе од Бугарија и Романија кои во Германија доаѓаат бегајќи од сиромаштијата во своите земји.

Нема дилема дека бројот на луѓето кои бегајќи од сиромаштијата во Бугарија и Романија доаѓаат во Германија се зголемува, констатира германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих во изјава за весникот „Рајнише Пост“. Тој предупредува дека зголемувањето на бројот на економски бегалци ќе се зголемува и во наредните години, доколку не се преземат мерки. Тоа може да стане „експлозив за европската солидарност“, оценува Фридрих.

Министерот вели дека целосното паѓање на ограничувањата за работа за граѓаните на Бугарија и Романија во Германија би можело да предизвика „нови димензии“ на доселувањето поради сиромаштија. Организации кои се специјализираат за тоа на граѓаните од сиромашните земји да им обезбедат пристап до социјалните услуги во Германија со илегални средства во таков случај ќе „никнуваат како печурки“.

Bundesinnenminister Hans-Peter Friedrich Archiv

Ханс-Петер Фридрих

Шефот на германската Агенција за труд, Франк-Јирген Вајзе, смета дека од 2014 година во Германија може да се смета со 120 до 180 илјади граѓани од Бугарија и Романија повеќе. Министерот за внатрешни работи Фридрих за „Рајнише пост“ изјави: „Ако кај луѓето во Германија се појави чувство дека се злоупотребува нивната солидарност и отвореност и се празнат нашите социјални каси, тогаш ќе има оправдана лутина.“ Фридрих од Бугарија и Романија бара да ги користат целно средствата од социјалните фондови на ЕУ, за нивните граѓани да живеат „сигурно“. Во Германија пак, општините ќе мора да вршат подобра контрола и да утврдат кој ја злоупотребува отвореноста. Лицата кои вршат злоупотреби би морало да се враќаат назад и ЕУ-државите би морало да постигнат согласност на ваквите лица да им се забрани повторно доаѓање, оценува Фридрих.

Symbolbild Altersarmut Rentnerin mit Geldbörse

Треба да се подигне стандардот во земјите од каде што доаѓаат бегалците, вели Фон Дер Лајен

Министерката за труд Урсула фон дер Лајен пак, смета дека нема потреба од паника: „Се сеќавам добро дека при првата рунда проширување кон исток, кога дојдоа Полјаците, загриженоста беше слично голема“, изјави таа за магазинот „Фокус“. „Мора да преземаме мерки за борба против сиромаштијата во земјите од кадешто доаѓаат луѓето. Зголемувањето на животниот стандард во Полска беше решението и причината зошто стравувањата не се исполнија“, вели Фон Дер Лајен.