1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германија очекува голем број барања за азил и во 2014-та

Сојузната служба за миграција и бегалци и за тековнава година очекува повеќе од 100.000 барања за азил во Германија. Минатата година, според бројот на барања за азил, граѓаните од Македонија беа на петто место.

„Работите не изгледаат како да ќе има намалување на барањата за азил“, прогнозира претседателот на Сојузната служба за миграција и бегалци Манфред Шмит во изјава за весникот „Велт“. Притоа, тој укажува на ситуацијата во земјите од каде доаѓаат најголемиот број баратели на азил - Сирија, Ирак, Иран, Авганистан и Пакистан. „„Дури и ако се имаат предвид само овие земји, не може да се смета со помал број барања“, вели Шмит.

Во текот на 2013 година, азил во Германија првпат побарале 109.580 лица, или дури 69,8% повеќе од годината претходно, кога биле поднесени 64.539 барања. Најмногу барања има од лица од Руската федерација -14.887, а потоа следуваат Сиријци (11.851), Срби (11.459), Авганистанци (7.735), Македонци (6.208) и Иранци (4.424).

Manfred Schmidt Bundesamt für Migration und Flüchtlinge

Манфред Шмит, претседател на Сојузната служба за миграција и бегалци

Статистичките податоци за лицата од Македонија зборуваат дека во последниот квартал (октомври-декември) од 2013. година нивниот број се намалувал, и тоа од 999 баратели во октомври, преку 932 баратели во ноември до 570 во декември. Меѓутоа, податоците за целата 2013-та покажуваат дека бројот на барања за азил се зголемил и тоа од 4.546 во 2012-тата на 6.208 во 2013. година. Тоа значи зголемување од цели 36,6%. Притоа, сите барања се отфрлени како неосновани.

Претседателот на Сојузната служба за миграција и бегалци Манфред Шмит бара од германската влада да ги означи Македонија, Босна и Херцеговина и Србија како безбедни земји. „Кога земјите од Западен Балкан би биле означени како безбедни, би можеле побрзо да одлучуваме по барањата за азил и би можеле побрзо да ги враќаме назад луѓето кои немаат потреба од заштита“, вели Шмит. Тој ги критикува германските покраини кои поради зимата најавија стопирање на протерувањето на бегалците од Балканот. „Мора што побрзо да дадеме сигнал: ‘Ова не функционира‘ и луѓето кои немаат причини да бидат заштитувани да ги враќаме брзо назад“, нагласува Шмит.