1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Германија опстојува на својот удел во мисијата во Либан

И покрај одолговлекувањето од либанска страна, германската влада цврсто смета на ангажман на Бундесверот на Блискиот исток. Министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер вчера потврди дека Германија сака да учествува со поморски сили во мисијата на Обединетите нации:

Штајнмајер стриктно за германско учество во мисијата во Либан

Штајнмајер стриктно за германско учество во мисијата во Либан

Дури по решението на Либан и неопходните консултации во Обединетите нации, Германија точно ќе знае што ќе се случи со нејзината понуда за учество на морнарицата во мировната мисија. Сојузната влада во последните денови неколкупати јасно стави на занење дека опстојува на понудата. Министерот Франк Валтер Штајнмајер подвлече дека германските војници се дел од европската мисија. На вчерашната конференција со германските амбасадори во Берлин, Штајнмајер изјави:

„Европа јасно покажа што може кога ќе ги обедини своите сили. Сега во Европа се ангажираме за тоа се уште кревкиот мир по можност да прерасне во долгорочен мир. Од тие причини Французите, Италијанците и други Европејци во пополнувањето на мисијата на Обединетите нации во Либан ја преземаат главната одговорност, а Германија има намера да учествува со поморски сили„.

Бродовите на морнарицата во рок од 17 дена можат да се најдат пред либанскиот брег, соопшти министерството за одбрана. Нивна задача таму ќе биде спречување на испораките на оружје за Хезболах. Намера да учествуваат во поморската мисија искажаа уште и Данска, Норвешка, Шведска и Холандија. Меѓутоа, опозиционите либерали и партијата на левицата се стриктно против на Блискиот исток да се испраќаат германски војници. Генералниот секретар на либералите Дирк Небел изјави дека тоа важи и за поморските единици:

„Се разбира дека и фрегатите се борбени единици, а не ловци на ракови. Затоа ние либералите сме убедени дека од историски, како и од надворешно-политички причини германски војници не смеат да бидат ангажирани на Блсикиот исток како на копното, така и на море„.

Но, со гласовите против на либералите и левите, не е загрозена неопходната согласност на германскиот парламент. Демохристијаните и социјалдемократите располагаат со потребното мнозинство. Шефот на социјалдемократите Курт Бек, вчера изјави:

„Ние го донесовме нашето решение. На нашата пратеничка група и препорачуваме ако дојде барање за таков мандат да даде согласност„.

Слична препорака се очекува и за пратениците на демохристијаните. За мисијата во принцип се залагаат и зелените.